Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја најавува студентската изложба со наслов „Збирка“, која ќе биде отворена на 24 декември (среда) во Галеријата ФЛУ, објект Педагошка, во периодот од 19 до 23 часот.
Како што велат од ФЛУ, изложбата ќе претстави избор на дела од студенти на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики, Катедрата за скулптура и трансмедиумски практики, Катедрата за графика и трансмедиумски практики, како и од Катедрата за педагогија при Факултетот за ликовни уметности, од сите четири години на студии.
„Преку дела реализирани во различни ликовни медиуми, вклучувајќи сликарство, скулптура и графика, изложбата ја прикажува актуелната продукција на студентите и нивните разновидни тематски и авторски пристапи“, посочуваат од ФЛУ.
Настанот ќе биде збогатен со музичка селекција од диџеј Gianni Filipo, како дополнителен амбиент за посетителите.
Изложбата е отворена за јавноста и ќе трае до 10 јануари 2026 година.




