Студенти од Архитектонски реагираат за непотребни давачки при упис, од Деканатот велат дека ќе ја повлечат одлуката

Студентите од Архитектонскиот факултет во Скопје се жалат за непотребни давачки при уписот за новата академска година, а веќе на вчерашната седница на ННС на АФС, од страна на студентското факултетско собрание прашања за проблематиката биле упатени до Деканатот. Од деканатот за Радио МОФ велат дека ќе се откажат од спорните уплатници, а конечната одлука ќе биде донесена на седница на Деканатската управа која ќе се одржи во понеделник, 28 септември.

Во реакциите на студентите од Архитектонскиот факултет кои стигнаа до Радио МОФ, тие велат дека давачките од 300 денари за материјални трошоци и 500 денари за материјални трошоци за теренска настава (автобуски превоз) се целосно неосновани во време на кога воопшто не постои шанса да се патува, а наставата ќе се одржува преку комбиниран модел.

„Јас сум студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје и денес ни стигна известување за кои уплати треба да ги направиме за запишување на новиот семестар. Меѓу другото треба да се уплатат 300 денари за материјални трошоци и 500 денари за материјални трошоци за теренска настава (автобуски превоз) и двете треба да се уплатат на сметката на буџетот на факултетот. Со оглед на целава ситуација воопшто не постои шанса да се патува било каде и тоа организирано и со автобус така што тие трошоци се целосно неосновани. Исто така претходнава учебна година тие средства воопшто не беа искористени, не бевме на теренска настава или нешто слично. Ви пишувам бидејќи мислам дека студентите не треба дополнително да се изложуваат на непотребни и нереални трошоци и можеби некако би можеле да го избегнеме тоа. Претставници од факултетот ќе се обратат до деканат, но со оглед на тоа што уписите се од понеделник мислам дека нема да успееме да извојуваме позитивен одговор“,  вели студентка.

Од Факултетското студентско собрание при АФС велат дека се  преземени мерки во правец на решавање на овој проблем, односно дека е контактиран е деканатот на АФС и образложен е проблемот. Тие велат дека побарале да се отстрани дополнителниот трошок од 500 денари, бидејќи наставата на факултетот ќе се одвива во комбиниран тип, претежно онлајн, додавајќи дека предметите кои бараат физичко присуство на вежби ќе се реализираат во согласност со протоколи усвоени на наставно-научен совет на АФС.

„Сметаме дека се непотребни давачки. Очекуваме соработка од деканатот и по ова прашање, меѓутоа доколку не се разреши до моментот на уписи, ќе ги поддржиме студентите да не ги плаќаат давачките“, изјавија од факултетското собрание.

Деканот на Архитектонскиот факултет, професорот Огнен Марина, за Радио МОФ вели дека прашањето за плаќањето на трошоците за реализација на теренската настава и материјални трошоци во време на пандемија на Ковид-19 вирусот за првпат било поставено на седницата ННС на АФС во петокот од страна на студентските претставници.

„Ставот на деканатот на факултетот е дека овој трошок не треба да се уплаќа за оваа академска година поради неможноста за реализација на теренската настава. Конечната одлука ќе биде донесена на седница на Деканатската управа која ќе се одржи во понеделеник, 28 септември, односно навремено за дефинирање на условите за запишување при уписите кои започнуваат во вторник“, истакна тој.

Марина нагласи дека Архитектонскиот факултет при е единствениот факултет на УКИМ, кој има само една студиска програма од Интегрирани петгодишни студии од прв и втор циклус по Архитектура на кои се запишани повеќе од 650 студенти кои плаќаат исклучиво 200 евра партиципација или 400 евра школарина годишно, со цел да се овозможи полесен пристап до студиите по Архитектура за сите категории на граѓани и студенти, без разлика на нивната економска и социјална состојба.

„Факултетот нема други студиски програми од втор циклус кои би се наплаќале со приватно финансирање и кои на другите факултети имаат далеку повисока цена на чинење на студиите и се сериозен извор на финансирање на работата на факултетите. Архитектонски факултет  нема други извори на финансирање освен партиципацијата и школарината која е определена од државата, но и покрај тоа успева да реализира проекти за унапредување на условите на студирање на факултетот, поддршка на студентите, реализација на истражувачки проекти, како и соработка со странски универзитети“, додаде тој за Радио МОФ.

Ивана Смилевска