Студенти направија апликација „Говорко“ за деца со попречен говор

Асистивната технологија овозможува лицата со попреченост да бидат активни граѓани во општеството. Треба да е присутна и достапна секаде каде што луѓето имаат потреба: во домот, училишта, болници, маркети, банки, игротеки и сл, бидејќи го олеснува секојдневното функционирање. Потребата за производи на пазарот, кои во поддржуваат вклучувањето на атипичните лица во сите текови на живеењето, доведе до соработка за креирање на „Говорко“.

Комуникаторот „Говорко“, апликација наменета за поддршка на деца со попречен говор, денес беше промовирана на онлајн прес-конференција од Здружението „Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Промоторите велат дека неколку студенти и еден професор од ФЕИТ, заедно со две здруженија направија соработка вредна за награда.

„Сите страни заедно правејќи го она во кое се најдобри, ги надминаа своите секојдневни активности и заедно направија нешто што е од огромна корист за лицата со попреченост. Ова е проект во кој не се вклучени никакви дополнителни финансиски средства вон регуларната работа, исполнети се целите на сите организации, а добиен е производ бесплатен за користење. Ваквите проекти се само знак за растење на едно општество и неговите чинители“, велат тие.

Валерија Младеновиќ, една од четворицата креатори на апликацијата, рече дека „Говорко“ може да се користи на паметните уреди кои користат Android оперативен систем, секако не се исклучува можноста понатаму да се развие и верзија за IOS.

Таа потенцира дека оваа апликација има функција на алатка и е направена да биде едноставна за користење, бидејќи нејзината цел е полесно и поедноставно да се воспостави основна комуникација со околината.

„Принципот на работа на апликацијата е активирање на предснимени говорни пораки со притискање на полиња/копчиња. Во секоја од категориите се наоѓа множество од соодветни зборови. Секоја категорија и секој збор се објаснети со текст и со симбол или слика, во зависност од изборот на корисникот. Корисникот може да избере на кое ниво ќе го користи комуникаторот. Се надеваме дека во иднина оваа апликација ќе продолжи да се надоградува и ќе прерасне во нешто многу поголемо и покорисно“, објасни Младеновиќ.

Специјалнипот едукатор во „Отворете ги прозорците“, Марија Велиносвска-Велковска, дополни дека со цел поттикнување и развој на комуникација со деца кои имаат говорни тешкотии, досега во нивната организација користеле говорни табли, но тие се доста скапи и ги нема на нашиот пазар.

„Искуството и предизвиците од користење на таблите, како и секојдневната работа со нашите корисници ни овозможија да дадеме придонес при создавање на комуникаторот ‘Говорко’. Дадовме насоки апликацијата да биде пристапна во однос на сликите кои се користат, контрастот, големината и бројот на полиња, можноста за избор на глас. Со еден збор: можност за прилагодување на потребата на секој корисник зависно од индивидуалните способностите и можности“, изјави Велиновска-Велковска.

Маја Трајчова, специјален едукатор во Здружение за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“, потенцираше дека во рамки на нивиот центар имале можност и чест да ја тестираат оваа апликација со вкупно 30 деца, кои имаат потешкотии во комуникацијата.

„Децата со кои ја тестиравме ‘Говорко’ беа невербални деца или деца со многу оскуден говор. Она што го забележавме е дека повеќето деца позитивно реагираа на апликацијата и покажаа знаци за склоност кон употреба на апликацијата за комуникација“, изјави Трајчова.

Според професорот на ФЕИТ, Бранислав Геразов, на овој факултетот постои голема традиција во негувањето на електротехниката, електрониката и новите технологии. Посебен акцент во своето делување, нагласи тој, факултетот му дава на општествената одговорност и давање придонес кон заедницата.

„Во тој контекст ФЕИТ има богата соработка со Здружението ‘Отворете ги прозорците’, која во последно време се интензивира. Како плод на таа соработка е денешниот производ кој претставува уред за асистивна комуникација, кој е втора верзија на системот, а на неговиот развој досега работеа четворица студенти од Институтот за електроника во склоп на нивните проектни задачи по предметите Дигитално процесирање на аудио и Биомедицинска електроника“, изјави Геразов.

Изворниот код на апликацијата е достапен ТУКА, а на следниот ЛИНК може да се погледне демото. Промотерите најавија дека наскоро апликацијата „Говорко“ се очекува да биде достапна на Play Store.

Б.Ш.