Студенти на УКИМ може да се пријават со архитектонско решение за нов Студентски културен центар

Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје може да се пријават на конкурсот за идејно архитектонско решение и ентериерно уредување на Студентскиот културен центар.

Локацијата предвидена за ова е Палатата „Кузман“, која се наоѓа веднаш до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во центарот на Скопје.

Тимовите кои ќе учествуваат ќе ги оформуваат студенти од Архитектонскиот факултет, со тоа што во нив може да учествуваат студенти од било кој факултет при УКИМ, кој во изработката на комплетното идејно решение може да ја најде својата примена.

Просторот треба да служи за две главни содржини: Канцеларија за работа на Универзитетското студентско собрание и Студентскиот правобранител, како и Студентскиот културен центар – мултуфункционален простор во кој би се наоѓале бифе и простор каде ќе се одвиваат разни културни и едукативни настани.

За најдобрите три идејни решенија се предвидени награди од 500, 300 и 200 евра. Рокот за испраќање на конкурсните решенија е 15 јули, а објавувањето на резултатите ќе биде на 30. јули 2021.

Дозволено е учество на поединци и тимови. Секој поединец или тим има право да учествува со само 1 решение.

Комисијата што ќе одлучува е составена од проф. д-р Огнен Марина- Архитектонски факултет Скопје, вонр. проф д-р Бојан Каранаков – Архитектонски факултет Скопје, проф. д-р Ана Тромбева – Гаврилоска – Архитектонски факултет Скопје, Ева Цветковска, Наташа Николовска и Филип Србиноски.

Во конкурсот се нагласува дека учесниците треба да го посетат просторот и да ја констатираат и документираат постоечка состојба како основа за нивниот предлог. Посетата на просторот може да се оствари секој ден преку директен контакт и во договор со Претседателот на Универзитетското студентско собрание Ева Цветковска (телефон за контакт 071 33 91 97).

Подетални информации се достапни на следниот ЛИНК.