Студенти на ФЕИТ организираат конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој, во тек е повик за трудови

Студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии го организираат деветтото издание на Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој –  СКЕЕОР 2021, која годинава ќе се одржува од 13 до 16 декември.

Таа ќе се одржува комбинирано, со физичко присуство на учесниците во просториите на ФЕИТ, и виртуелно, на „Зум” платформата за видео-комуникација. Оттаму посочуваат дека согласно актуелната состојба со Ковид-19, постои можност конференцијата целосно да премине онлајн.

Студентите имаат рок да пријават апстракти за трудови за претстојната конференција до 15 октомври, додека сите заинтересирани своето учество може да го пријават на следниот ЛИНК.

Инаку, конференцијата претставува единствена во регионот и пошироко која е организирана од студенти за  студенти и која третира тематики како енергетската ефикасност.

На неа, со свои трудови може да учествуваат студенти на додипломски и постдипломски студии и академски членови. Дополнително, преку предавања и панел дискусии компаниите имаат можност да ги прикажат своите добри практики за енергетски ефикасно и одржливо работење. Исто така, сегмент од конференцијата е наменет и за средношколците заинтересирани за оваа област.

„Преку организација на ваков тип на конференција, се работи на подигнување на свеста за потребата од енергетска ефикасност, употреба на обновливи извори на енергија и мерки и механизми за одржлив развој. Преку научно-истражувачката дејност, студентите се поттикнуваат да работат на изнаоѓање решенија на проблеми од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој. Еден од клучните аспекти на конференцијата е можноста за соработка помеѓу студентите, реномирани професори и претставници на водечки компании од областа, со цел пронаоѓање решенија на предизвици од оваа област, која ги засега сите на глобално ниво“, стои во најавата.

Во фокус на СКЕЕОР се обновливите извори на енергија, автоматизацијата и мерењето на енергетската ефикасност, електричните возила и енергетски ефикасниот транспорт, енергетската ефикасност и одржливоста на животната средина, како и новите технологии и материјали и енергетската ефикасност во објекти, градежништво и архитектура.

Повеќе информации за СКЕЕОР и овогодинешната програма може да дознаете на официјалната веб-страница.

Конференцијата СКЕЕОР 2021 е поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).