Над 150 студенти од техничките и економските факултети низ цела Македонија ќе се натпреваруваат во изработка на бизнис планови кои содржат елементи на енергетска ефикасност. Во натпреварот што денеска и официјално започнува во рамките на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија, ќе учествуваат 40 тимови.
За подобро и поуспешно учество на овој натпревар студените добија соодветна обука која се одржа во рамки на Деновите на образованието на Скопски саем. Студентите имаа можност да научат како практично да ја вклучат енергетската ефикасност во процесот на бизнис планирање. На учесниците на бизнис план натпреварот им беа дадени конкретни насоки и алатки за изработка на бизнис план и пресметки за енергетски заштеди, пренесе МИА.
Во организација на натпреварот беа вклучени и студентските организации АИЕСЕЦ и ИАЕСТЕ кои го мобилизираа своето членство низ цела Македонија. Промотивни презентации за учество на бизнис план натпреварот беа одржани на 7 различни факултети во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Тетово.
Рокот за изработка на бизнис плановите е четири недели, а најдобрите три ќе бидат наградени со 30, 18 и 9 илјади денари. Најмногу од се’ се очекува студентите да ја покажат својата иновативност и креативност. Тимовите ќе можат да ги презентираат сработените проекти на завршен настан, а најквалитетните студенти ќе добијат можност за практикантска работа во ЕВН Македонија за време на летниот период.
Главната цел на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија е подигнувањето на свеста за потребата од користење и имплементирање на енергетската ефикасност особено во компаниите.