Студенти и млади лекари ќе ги усовршуваат практичните вештини на 42. Интернационален медицински конгрес

Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) по 42. пат го организира Интернационалниот медицински научен конгрес за студенти и млади лекари, кој годинава ќе се одржува од 24 до 27 мај во Охрид.

На конгресот ќе учествуваат преку 300 студенти и ќе присуствуваат околу 30 еминентни професори од земјава и од странство.

Во текот на четирите дена ќе се одржуваат преку 20 работилници, фокусирани на усовршување на практичните вештини (имобилизација, шиење, венепункција, интубација, ресусцитација, прва помош и сл.). Оваа година, на конгресот ќе гостува и претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, со своето предавање на тема „Насилство во животот на децата и адолесцентите”.

Воедно, студентите ќе имаат можност да учествуваат со свои трудови од различни полиња во медицината и да ги презентираат пред сите учесници. Фондацијата Спироски, пак, ќе додели награди за најдобрите. Воедно, агендата вклучува и интерактивни и друштвени активности.

„Желбата за да се организира и реализира ваков голем настан е инспирирана и предводена од неговата цел, а тоа е да ги едуцира амбициозните студенти и идни лекари и да им овозможи прилика да ги споделуваат своите искуства со еминенти професори на различни полиња од медицината. Со други зборови, конгресот е платформа на која се создава иднината на медицинското опшество“, велат организаторите.

Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) е најстарата студентска организација на Медицинскиот факултет во Скопје. Нејзината цел е да го подобри едукативниот и социјалниот стандард на студентите по медицина, а и пошироко. Членовите на асоцијацијата организираат и спроведуваат проекти од едукативен и социјален карактер.

Најголемиот проект на ММСА, и воедно најстар на Балканот, е токму Интернационалниот медицински научен конгрес, кој се одджува редовно од 1977-та година.

Овој конгрес е подржан и вметнат во официјалните програми на најголемата студентска организација во светот, Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации (ИФМСА). ММСА е единствена организација во Северна Македонија која е членка на оваа федерација. Секоја година околу 100 студенти од различни медицински факултети ширум светот учествуваат на овој настан.