Студенти го окупираа ректоратот на Универзитетот во Белград

Група студенти од петок го окупираа ректоратот на Универзитетот во Белград и одбиваат да го напуштат објектот.

Тие се незадоволни од тоа што професорите од нивниот универзитет молчат за проблемите во општеството, а ги обвинуваат и дека дозволиле власта да ја наруши автономијата на Универзитетот.

Студентите се претставници на движењето „1 од 5 милиони“ и соопштиле дека од утре влез во ректоратот ќе биде можен само со нивна дозвола. Тие информирале дека го оневозможиле работењето на надзорните камери, а припадниците на обезбедувањето ги повикале да ја напуштат зградата.

Едно од нивните главни барања, кое го поставиле до ректорката Иванка Поповиќ, е да побара од премиерката на Србија да го разреши од функција министерот за финансии, Синиша Мали, поради сомнежи дека неговиот докторат е плагијат.

Претходниве два дена пред зградата се собираат граѓани кои им изразуваат поддршка на студентите.