Студент на Харвард дипломираше со рап албум наместо со есејски труд

Обаси Шо, студент на Харвард, дипломираше со речиси највисока оценка, А-, откако наместо дипломски труд како финална дисертација приложи рап албум.

Дваесетодишниот Шо го нарече албумот составен од 10 песни Liminal Minds, а вели дека е комбинација од „елементи на средновековна англиска поезија и проблемите на расниот идентитет во Америка“.

Додава дека бил инспириран од „Приказните од Кантербери“ (The Canterbury Tales) на Џефри Шосер, и неговото хоби – пишување рап музика и поезија.

За да го напише албумот му била потребна една година.

Минатата година, To Pimp a Butterfly на Кендрик Ламар и Illmatic на Nas беа додадени во Библиотеката на Харвард, поради нивното културолошко значење.

Но, тезата на Обаси е прва од ваков вид во историјата на престижниот универзитет, кој е основан во 1636 година.

Дипломците на Харвард не мораат да напишат дисертација, но треба да приложат труд доколку сакаат да дипломираат со особена почест.

Шо ја добил идејата за албум од својата мајка, која забележала дека нејзиниот син пишува рап музика и ја изведува на отворените вечери на кампусот.

Затоа, наместо да пријави есеј или колекција од поеми, тој го составил албумот.

Проектот сега има илјадници преслушувања на интернет. Во него, главна тематика се афро-американскиот идентитет и „американскиот сон“. Албумот е достапен бесплатно на Саундклауд.

Иако албумот му донесе висока оценка, Шо вели дека рапот ќе му остане само хоби, бидејќи кон крајот на годинава започнува пракса како софтверски инженер во Гугл.