Студенчишко блато ќе стане природен музеј на отворено

Локалната самоуправа на Охрид има намера да го претвори Студенчишко блато во природен музеј на отворено, објави „Сакам да кажам“.

„Ние како локална самоуправа сме свесни дека Студенчишко блато треба и ќе биде музеј на отворено, место за интеракција со природата, пример за правилно зачуван екосистем и пример за хармонија помеѓу човекот и природата“, вели градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

За време на Меѓународната конференција во Охрид, во организација на Европскиот огранок на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми (SWS), Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива Охрид СОС, Стојановски најави дека локалната власт е одлучна во намерите да го заштити преостанатиот дел од Студенчишкото блато.

Фото: Охрид СОС

„Општина Охрид јасно го дефинира блатото како проект што мора да биде завршен до крајот на годинава. Следува завршување на ревизијата на студијата за Студенчишкото блато, а понатаму ќе бидат спроведени активности за валоризација на неговата вредност“, рече Стојановски.

На Конференцијата ќе биде усвоена и Декларацијата за заштита и ревитализација на Студенчишко блато и Охридското Езеро.