„Студена војна“ на Павликовски со најмногу номинации на „европските оскари“

Европската филмска академија ги објави номинациите за престижните награди, кои по 31. пат ќе се доделат на 15 декември во Севилја, Шпанија. За наградите ќе гласаат над 3.000 членови на Академијата од разни делови од Европа.

По триумфот на доделувањето на европските оскари во 2014 година со филмот „Ида“, режисерот Павел Павликовски повторно е на чело на фаворитите. Неговата романтична драма „Студена војна“ доби пет номинации: за најдобар филм, режија, сценарио, машка (Томаш Кот) и женска улога (Јоана Кулиг).

Три филмови добија по четири номинации: „Граница“ на Али Абаси кој ги надминува жанровските граници, италијанската крими драма „Догмен“ на Матео Гароне и „Среќен како Лазаро“ на Алиса Рорвахер.

За најдобар филм номинација има и драмата „Девојка“, приказна за 15-годишна девојка родена во тело на машко што сонува да стане балерина.