Стружани во среда повторно на протест за итна дислокација на дивата депонија

Од Граѓанската иницијатива „Доста е“ за во среда најавија нов протест со кој ќе побараат депонирањето на отпад на оваа локација да заврши засекогаш.

Тие вчера се сретнале со хотелиери, еколошки здруженија, Здружението на адвокати, Здружението на пензионери, невладини организации, спортски клубови и школи,претставници на ограноците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Струга и други правни субјекти од Струга со различна етничка и верска припадност.

Велат дека од нив добиле безрезервна поддршка во сите акции.

„Сакаме да порачаме, политичарите како на централно, така и на локално ниво, да престанат да ја злоупотребуваат несреќната состојба на стружани за меѓусебни препукувања и себепромоција. За справување со оваа елементарна непогода, потребно е енергијата на сите субјекти да се насочи исклучиво кон решавање на проблемите“, велат од иницијативата.

Оттаму велат дека со оглед на обемот на депонијата, досега се задоволни од работата на терен во однос на гаснењето на пожарот и затрупувањето, кои настанаа пред три дена. Но, напоменуваат дека работата на надлежните не завршува со изолацијата на пожарот и чадот.

Тие имаат три конкретни барања до властите: до среда да се донесе одлука за наоѓање нова локација за депонија и одлагање на отпадот таму и воспоставување соодветен надзор и заштита од идно спалување. Потоа, во најкраток можен рок, да се донесе одлука за нејзина конзервација и дислокација, по што би се воспоставила пракса за намалување на отпад и селекција.

„Чудовиштето“ кое десет години ја гуши Струга во сопственото ѓубре