Струшкиот градоначалник Мерко доби обвинение за осветлувањето на коритото на Црн Дрим

Основното јавно обвинителство Струга денеска поднесе Обвинителен предлог против Рамиз Мерко за кривично дело – Злоупотреба на службена положба.

Како што соопштуваат од Обвинителството, осомничениот, во временскиот период од 01.04.2021 до 27.06.2022 година, како службено лице – градоначалник на Општина Струга, ги пречекорил границите на своите службени овластувања и склучил договор за изведување на осветлувањето на дел од речното корито на Црн Дрим, без претходно да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Со тоа овозможил на избраната фирма-изведувач да постави светлосни тела во водите на реката во должина од по 900 метри од двете страни на коритото, иако обвинителството во текот на постапката презеде повеќе дејствија и обезбеди вештачење согласно кое таквата инсталација од 300 светлински арматури негативно влијаела на режимот на водите, морфологијата на водното тло и хидро-биолошкиот систем во реката. За изведба на проектот на правно лице од струшкото село Мислодежда му биле исплатени 6.763.722 денари и за тој износ бил оштетен буџетот на Општина Струга“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Уште во 2021 година, откако коритото на Црн Дрим беше обоено, Радио МОФ пишуваше дека овој случај ја подели јавноста, особено што се работеше за проект вреден скоро 110.000 евра, кој беше означен со пукање на огномет. Дополнително, експерти реагираа дека, генерално, осветлувањето на природната средина е тешка агресија кон природата, за животните, билките, микроорганизмите и макроорганизмите.

Боите на Црн Дрим вредни 110 илјади евра ја поделија јавноста