Струшки активисти и планинари упатија апел за чист воздух од највисокиот врв на Јабланица

Активисти од граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга, заедно со Планинарското еколошко друштво „Закамен“, викендот го искористија на креативен начин да упатија апел за решавање на проблемот со депонијата и за заштита на животната средина.

Активистите и планинарите се качија на врвот Црн камен од каде јасно порачаа „Чист воздух – сега!“.

„Ако не можеа да ги видат јасно нашите барања од Струга сега апелираме за чист воздух од највисокиот врв на Јабланица – Црн камен. Се надеваме дека апелот од 2259 мнв ќе допре јасно и гласно до надлежните“, велат од иницијативата „Доста“.

Инаку, последно околу депонијата во Струга беше дека таа е изгасена, меѓутоа граѓаните бараат трајно решение. Доколку не се дислоцира депонијата, односно не се определи нова локација за безбедно одлагање на градскиот отпад, стружани сметаат дека за брзо време ќе се соочат со истиот долгогодишен проблем.