Струмичани маршираа против изградба на рудникот „Иловица“

Струмичани денеска мирно маршираа низ градот против отворањето на рудникот за бакар и злато „Иловица-Штука“. Граѓаните сметаат дека овој проект ќе биде погубен за здравјето на населението и квалитетот на производите по кои е познат овој регион.

Тие побараа Владата конечно да донесе одлука за раскинување на договорот со концесионерот „Еуромакс ресоурсис“.

„Завршете со оваа катастрофа, оти ако не завршите вие, ќе заврши народот“, рече активистот Ангел Наков.

Тие потсетија на предизборните ветувања на сегашниот премиер кој велеше дека нема да има рудник.

„Иловица“ важи за најголем извор на бакар и злато во Југоисточна Европа. Развојот на проектот трае веќе десетина години и беше поддржан од државните институции во земјата за време на претходната влада.

Денеска се приклучија и граѓани од Скопје, кои истовремено протестираа пред Владата.

По завршувањето на протестниот марш се огласи и компанијата „Еуромакс ресоурсис“, од каде тврдат дека рудникот ќе биде целосно безбеден за животната средина и здравјето на граѓаните.