Стручно водење низ изложбата на Петар Мазев

По повод затварањето на изложбата „Петар Мазев 90 години од раѓање“, која привлече огромно внимание и постигна несекојдневен публицитет, Националната галерија на Македонија на 25 јануари (четврток) организира стручно водење низ изложбата.

„Еден од нашите најеминентни филозофи и естетичари Проф. Др. Иван Џепаровски ќе одржи предавање пред сликите на Петар Мазев, ќе зборува за специфичните аспекти на ова сликарство кое го одбележа крајот на XX век на нашите простори, за вулканската енергија, жестокиот колорит и нескротливиот дух на овој великан на македонската модерна“, соопштува Националната галерија.

Според Галеријата, ова е прилика да се слушне едно ново исчитување кое тргнува од лични импресии, за потоа присутните да ги запознае со новите теории и гледања на овие слики низ различни призми и пристапи.

Водењето „Мазев сега“ ќе се одржи од 12 часот во просториите на објектот Даут пашин амам.