Стрип изложба „Страшила“ на Берин Тузлиќ вечерва во Кинотека

Стрип изложбата „Страшила“ на босанскиот автор Берин Тузлиќ вечерва ќе биде отворена во Кинотека на Македонија.

Изложбата беше презентирана во повеќе градови во Босна и Херцеговина, како и во Загреб, Единбург и Рим, а после Скопје ќе патува за Белград, Подгорица и Тирана.

Делата на Тузлиќ се прикажувани на многу меѓународни филмски фестивали низ целиот свет, во Франција, Јапонија, САД, Кина и низ целиот балкански регион.

Тузлиќ е креативен директор на маркетинг агенцијата „Виа медиа“ во Босна, и претседател на босанската бранша на АСИФА – Меѓународната асоцијација за анимирани филмови.

Стрипот „Страшила“ беше издаден во Босна и Херцеговина преку издавачката куќа „Пиксел Сарајево”, а оваа година и во Велика Британија од страна на „Комик Бру“, шкотска издавачка куќа во која главен уредник е македонскиот режисер Гоце Цветановски.