Стравот да не си „црна овца“ и потребата за прифатеност создаваат зависност од социјалните мрежи

Зошто имаме потреба од „лајкови“ на социјалните мрежи? Зошто ни стана тешко да добиеме човек кој не ги користи? Кој кого контролира – социјалните мрежи нам, или ние нив? Ова се прашањата кои се наметнаа на вчерашната дискусија организирана од ученици во скопската гимназија „Орце Николов“.

Во општество каде социјалните мрежи диктираат речиси сè и каде секој е оценуван според неговата активност на нив, е многу тешко да се „исклучиш“. Според Андријана Пејчиновска, средношколка во гимназијата и еден од организаторите на дискусијата, оваа тема е доста актуелна, но ретко може да се слушне низ училишните ходници.

Андријана Пејчиновска (лево)

„Сметаме дека треба да се знаат кои се позитивните и негативните влијанија од социјалните медиуми и сакавме да видиме која е нивната иднина, на кој начин тие подоцна во животот ќе се развијат во човештвото. Како тие ќе влијаат врз нас како општество, како популација воопшто“, рече Пејчиновска.

За Павле, студент по психологија, социјалните медиуми се продукт на човекот, па според тоа, луѓето се тие кои ја имаат контролата над нив, но со тоа и врз самите себе.

„ Социјалните медиуми се одреден вид на медиуми кои се менуваат со развојот на општеството. Прва асоцијација ми е да си тинејџер во 70-тите, а да не слушаш рокенрол. Оттука, социјалните медиуми имаат моќ да нè групираат, да нè зближат, да нè задржат во една групација со цел одржување на некакви врски. Многу е тежок тој момент, ти да ја пројдеш таа изолација, ако не си дел од социјалните медиуми“, смета тој.

Сè што правиме на социјалните мрежи е со желба да документираме нешто, но дали тоа го правиме за само да споделиме, или за луѓето да добијат некаква слика за нас, праша Пејчиновска. Дали тоа нè тера ние да ги менуваме нашите секојдневни постапки за преку толку лесен медиум да си го подобриме статусот, продолжи таа.

„ Пример, ако добиеш многу, или малку лајкови на некоја слика, ти или си среќен, или си разочаран“, рече таа.

Според Борис, ученик во „Орце“, и двете причини се еднакво возможни.

„Тоа потекнува од потребата за прифатеност, бидејќи живееме во заедници. Чувството на неприфатеност е нешто болно. Така што, една повратна информација од сето тоа би биле лајковите, или коментарите, што до некаде ни укажува дека некој нè приметува, на некој му се допаѓа каков животен стил имаме и што правиме. Ни одговара тоа и ни дава чувство на задоволство“, смета тој.

Според него, луѓето може да ја контролираат својата активност на социјалните мрежи, бидејќи сè уште има вистински контакт со реални личности.

Деница е исто така студентка по психологија, која одамна се бори со социјалните мрежи и општествениот притисок што го налагаат.

„ Сега сум четврта година на психологија и конечно можам гордо да кажам дека успеав да ги избришам сите апликации од телефон, бидејќи едноставно се чувствувам клаустрофобична и пригушено и постојано набљудувана како да сум некаков експериментален глушец“, рече таа за време на синоќешната дискусија.

„ Од секогаш го имав тој проблем, дека нема да бидам доволно прифатена, дека ќе исчезнам, дека луѓето на некој начин ќе заборават на мене дека постојам, но после некое време сфатив дека не сакам да бидам прифатена и дека не ни сакам да постојам во тоа општество“, додаде таа.

Според неа, тие што треба да ја познаваат и што смета дека треба да останат во нејзиниот живот, ќе останат.

„ Уште се случува некоја да ми рече ‘еј, кај те снема, зошто избриша сè. Јас им велам ‘може да ми се јавиш. Тука сум“. Така всушност сфатив кои луѓе вредат да останат“, заклучи таа.

Социјалните мрежи станаа неминовен дел од секојдневието на човекот. Не поминува утро без да се излистаат известувањата од Фејсбук, Инстаграм или Снепчет и без да се прегледаат споделените фотографии, од блиски, па и од личности кои никогаш не сме ги сретнале во живо, а кои го прикажуваат совршенството од секој нив.

Зависноста од социјалните мрежи постои, смета Огнен Спасовски, професор по психолошки науки при Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Тој никогаш не користел социјални мрежи, па вели дека функционира и се чувствува добро.

Според него, преку социјалните мрежи како Фејсбук, се наметнуваат содржини кои некогаш не се корисни.

„Можеби затоа што поради пркос, отпор кон некој мета авторитет да ми се наметнува, што ќе ми пласира или некаков социјален притисок, не станав дел од нив“, рече во своето обраќање пред учесниците на дисусијата.

„Вие како генерација не знаете како е поинаку, не знаете како може да биде поинаку. Како е кога целото време го поминуваш во разговарање, со смеење, шегување, без во ниеден момент да те интересира некој што не ги знаеш, што не ти се битни. 500 лајка за нешто… кои се тие луѓе?“, праша тој.

Спасовски забележа дека со текот на годините, луѓето престанале да комуницираат меѓу себе, било наутро, или пак кога се на кафе.

„Оваа појава според мене е алармантна, посебно од психолошки аспект затоа што технологијата и ваквиот начин на живеење не се нови. За да може  да се направи некој пресек, треба да се направат валидни истражување за да се види како се менува нашето психичко владеење, а дефинитивно се менува. Ние допрва во наредните 5-10 години ќе истражуваме како менталитетот на луѓето се менува. Како начинот на комуникација – нешто што се учи од мали нозе, веќе е драматично променет“, смета тој.

Според него, социјалните мрежи на прилично перфиден начин ја искористуваат човечката потреба да комуницираат, да се поврзуваат и да се чувствуваат блиски со останатите во заедницата.

„Ние кога пристауваме на социјалните мрежи, нашиот мозок не препознава дали е тоа жив контакт или социјална мрежа. Потребата и чувството за задоволување на некој начин е слична и токму во тоа е перфидноста на успехот на социјалната мрежа, да окупира толку многу луѓе, затоа што компензира нешто што е наша природна потреба. Како на пример, да се споредуваме, за да знаеме каде сме и каков е нашиот статус во заедницата, дали нештата ги правиме добро, дали заедницата не прифаќа, или не“, појасни Спасовски.

Природна потреба е и луѓето да бидат уникатни, да бидат автентични, автономни, да се разликуваат од другите, надополни тој.

Сепак, според него, Фејсбук сè уште се користи бидејќи прави баланс на добрите и лошите работи.

„ Штом не нуди глобални добра, функции, доколку не им врши работа на луѓето, нема да опстои“, им посочи Спасовски на присутните.

Инаку, дискусијата е дел од „Orce talks“- иницијатива на Пејчиновска и уште неколку ученици, која има за цел секој месец да поттикнува дискусија и предавања на филозофски и футуристички теми кои обично не се зборуваат на кафе или на училиште.

Емилија Петреска

*Текстот е напишан во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.