Страв и параноја – како Виетнам ги контролира медиумите

Нгујен Ханг се сеќава на првиот ден како „новински асистент“ во 2008 година за една меѓународна публикација во Виетнам. На една средба со полицијата истата година, од неа било побарано да потпише документ со кој потврдува дека нејзината нова работа е да ја штити државата.

„Никогаш не помислив дека тоа парче хартија ќе ме следи насекаде. Секогаш кога планирав да направам нешто кое не им се допаѓаше на властите, тие ќе ми го прикажеа документот како потсетник“ изјави Ханг за „Ал џазира“.

Ханг изјави дека добила бројни закани од разузнавачки агенти, но вели дека не е единствена.

Според „Фридом хаус“, ситуацијата со медиумите во Виетнам е една од најлошите во Азија. Светскиот индекс на слободата на печатот го смести Виетнам на 176 место од 180 земји.

Во годишниот извештај на „Репортери без граници“ стои „нивото на терор нагло се зголеми последните две години, при што многу граѓански новинари биле затворени или протерани поради нивните објави“.

„Најмалку 30 новинари и блогери моментално се наоѓаат во затворите низ Виетнам, каде е вообичаено малтретирањето на затвореници“ се додава во годишниот извештај.

Независните политички партии и синдикатите се забранети во комунистичката држава. Според заменик-директорот на „Хјуманс рајтс воч“, Фил Робертсон, владата на Виетнам останува „една од најнепопустливите во регионот“.

Новинарите од странските медиуми кои известуваат надвор од главниот град Ханои, имаат потреба од официјална дозвола за да патуваат и од нив се бара да наведат на каква приказна работат, со кој ќе се сретнат и какви прашања ќе поставуваат.

„Сакав да пишувам статија за црниот пазар на кинеско-виетнамската граница, таму отидов како турист, но бев уплашена дека можам да западнам во неволја, затоа што таму не отидов како новинар со дозвола од министерството. Така што, решив да не ја објавам статијата.“ вели Нгујен Фуонг Лин, која заминала од Виетнам во 2014 година, после шест годишната работа како новинар.

Властите исто така се обвинети дека користат тактики за заплашување на новинарите. Строгиот надзор принуди многумина да се самоцензурираат и предизвика „страв и параноја“ меѓу новинарите.

Некои новинари често работеа на „чуствителни“ приказни без извори, додека други одбиваа да бараат или да работат на одредени приказни што се сметаа за опасни, особено оние што ги покриваат политичките прашања.

Владејачката партија го поседува најголемиот дел од медиумскиот простор, пишува „Ал џазира“. Постојат неколку приватни медиуми, но се строго контролирани од државата.

Според „Виет тан“ организација која се бори за реформи и демократизација на Виетнам, поради острите владини мерки и ограничувања, луѓето за да се информираат ги користат социјалните медиуми.

Претходно овој месец, „Амнести интернешнал“ објави дека бројот на затвореници се зголеми за една третина во текот на изминатата година. Од организацијата велат дека повеќето активисти биле обвинети според членот 117 од новиот кривичен законик, имплементиран во 2018 година. Со членот се забранува „создавање, чување, ширење или пропагирање материјали и производи кои имаат за цел да се спротистават на Социјалистичката Република Виетнам“.