Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, информираат дека започнале меѓународна иницијатива за затворање на стационарот улични животни „Вардариште“.
Тие доставија писма од повеќе меѓународни организаци за заштита на животните, кои даваат поддршка на нивната иницијатива, додавајќи дека од нивна страна ќе се лобира до нивните матични претставници во Европскиот Парламент и ќе го претстават проблемот пред релевантни европски институции.
„Посочуваме дека светот е шокиран и згрозен од податоците, снимките и сликите на Вардариште, од фактот дека малите кутриња речиси сите, без исклучок, се заразуваат од заразните болести кои владеат во стационарот. Таквата умирачка не е никако брза, туку следи по страшни болки, бавно распаѓање на органите, цревата, често пати задушување. Прашуваат зошто воопшто биле заловени кога малите кучиња – бебиња и кутриња од 1, 2, 3 месеци, не можат да подложат на методата предвидена со програмата на Град Скопје – имено, тие не можат да бидат стерилизирани. На тој начин Стационарот Вардариште (кој е транзит центар, а не прифатилиште) работи спротивно на Програмата на Град Скопје зошто програмата предвидува „залови-стерилизирај и врати. Посочуваме, во вакви услови, директорот на Агенција за храна и ветеринарство е повеќе од должен да прогласи епидемија и забрана за внес на нови животни“, велат од „Анима Мунди“.
Од Здружението прашуваат до кога ќе се толерира суровоста врз животните и зошто се прогледува низ прсти на институција која не ги задоволува стандардите пропишани во македонското законодавство.
Тие информираат и дека веќе поднеле пријава за „Вардариште“ до надлежниот орган – Агенција за храна и ветеринарство и директорот Зоран Поповски и очекуваат негово итно затварање додека не се промени функционирањето на стационарот и подобрување на условите за хумано работење.
Иницијативата ја поддржале здружениата за заштита на животните „Vier Pfoten и ЕНПА Италија, како и здруженија од Франција, Англија, Србија, Албанија, Хрватска (One voice, Animal Hope, Help Animals, Feniks, Prijatelji Zivotinja, SAV и други), информираат од „Анима Мунди“.