Стотројка го најавува своето најново издание: Електро Култура

Промоцијата на истоимениот албум на Електро Култура е закажана за Сабота, 10 мај, со почеток во 20 часот, во клубот Ла Кања во старата скопска чаршија.

Стотројка го најавува своето најново издание: Електро Култура

Електро Култура е соло проект зад кој стои Владимир Муратовски Диво – панкер, социјален поет од скопскиот асфалт и неуморен хроничар на македонската андергрануд сцена речиси три децении. Во 1992 година со помош на неговиот пријател Зoран Трпков во домашни услови го снима албумот „Мировна порака“ кој во изминативе две децении останува една од најдобро чуваните тајни на македонската музичка сцена.

Повеќе од две децении подоцна, на 24 ноември 2013-та година на брановите на Канал 103 конечно ќе се случи и неговиот прв соло концерт.

На албумот се наоѓа радио концертот на Електро Култура, снимен во емисијата „Ако никој не свири“ на Канал 103 на 24.11.2013. Физичките изданија (во ограничен тираж) го содржат и албумот „Мировна порака“, снимен во 1992 година.

Изданието ќе биде достапно на цеде, аудио касета, како и за дигитално преземање.

Дизајнот на изданието е на Владимир Лукаш. Тон мајстор на радио концертот е Ненад Тонкин, додека мастерингот го работеше Зоран Тевдовски.