Стотици граѓани маршираа против сиромаштијата

Стотици луѓе денеска маршираа низ центарот на Скопје, од Собранието до Владата извикувајќи „Уа за проектите на Владата“, „Ова е последниот повик до нив“, со што го искажаа своето незадоволство од тешката економска состојба во која се наоѓаат голем дел од граѓаните на Македонија, пренесува Нова тв.

Стотици граѓани маршираа против сиромаштијата

Според граѓаните кои присуствуваа на протестот, 5 до 12 е време кога Владата треба да се вразуми и наместо за споменици парите да ги троши за помош на најсиромашните – да им ги плати сметките за струја, додека општините да ги платат сметките за вода и комуналии.

Организатори на маршот кој продолжи со концерт на плоштадот Јадран се членовите на иницијативата „8 Септември“ и Македонската платформа за борба против сиромаштија, а денеска им се придружија и дел од стечајците.

„Сиромаштијата е огромна и продолжува да се зголемува. Повеќе од 30 проценти од населението живее во сиромаштија. Ние, според член 1 од Уставот сме социјална држава, а во пракса сме земја на социјална неправда. Системот на социјална заштита е нефункционален и тој мора да претрпи коренити промени во корист на граѓаните. Социјалната помош е трагична, затоа што граѓаните се оставени да преживуваат со 20 денари на ден“, изјави Џелал Хоџиќ од граѓанската иницијатива „8 Септември“.

Извори: Нова тв, А1 он