Стотици жители на Србија се појавиле пред канцеларијата на Вучиќ на отворен разговор

Српскиот премиер Александар Вучиќ во петокот имал стотици луѓе пред влезната врата на канцеларијата, откако ги поканил сите заинтересирани граѓани на Србија на отворен разговор. Повеќе од 5000 лица од сите страни на државата се пријавиле за да добијат можност да ги продискутираат своите проблеми со него, а поголемиот дел од нив се појавиле.

Некои од околу сто лица пред канцеларијата на Вучиќ за Ал Џазира Балканс откриле кои се причините поради кои дошле. Ранко се надевал дека премиерот ќе му помогне да реши проблем со имотот, а Славица побарала совет за пишување жалба. Но многумина, како Слободан, рекле дека се „само возбудени што имаат шанса да го запознаат премиерот“, пренесува ВВС.

Првите средби започнале во 5:30 часот наутро во петокот, а многу луѓе се појавиле порано, со столчиња за пикник за да кампуваат пред канцеларијата. Вучиќ успеал да се сретне со 40 лица до средината на работниот ден. Некои од нив сметаат дека Вучиќ е последна шанса за решавање на нивните проблеми. Еден од присутните рекол дека е таму затоа што премиерот “може да прави се што сака“.

Но, не се сите задоволни од оваа иницијатива. Пензионираната професорка Србијанка Турајлиќ смета дека ваквите средби „даваат погрешна слика за Србија до светот“, слика на „средновековна држава“ каде субјектите го молат владетелот да ги реши сите нивни проблеми. Таа додава и дека поканата имплицира дека вообичаените канали не функционираат, што би требало да го загрижува премиерот.