Стотици судии од цела Европа протестираа против „законот за замолчување“ во Варшава

Неколку стотици судии од повеќе европски држави, облечени во формалните црни тоги, вчера маршираа во Варшава во протест поради предлог-законот со кој се предвидува казни за судиите кои ги коментираат контроверзните владини судски реформи.

На протестот на судиите им се приклучија и правници, адвокати и разни групи граѓани кои сметаат дека предложениот закон, поддржан од десничарската влада на Полска кој во јавноста стана познат како „закон за замолчување“, претставува нарушување на независната судска власт и го поткопува владеењето на правото.

„Дојдовме во поддршка на полските судии, но ние не сме политичари. Овде сме поради владеењето на правото, не поради политика“, изјавил за Еуроњуз Џон Мак Менамин, врховен судија од Ирска.

Додека власта смета дека реформите се во насока на борбата со корупцијата, опозицијата смета дека владејачката Партија на законот и правдата сака да ги спречи критичките гласови од судството.