Стотици повредени на фестивал во Шпанија откако платформа се сруши за време на концерт

Стотици се повредени, од кои пет сериозно, откако се сруши дел од дрвена конструкција на урбаниот музички и спортски фестивал „O Marisquinio“ во шпанскиот град Виго.

Во моментот кога се срушила платформата, имало илјадници кои следеле концерт на фестивалот во северозападна Шпанија.

Од Министерството за здравство информираат дека повредени се 266 посетители. Од полицијата потврдија дека нема смртен случај.

Очевидците велат дека публиката, воглавно тинејџери, панично се обидувала да се тргне на безбедно место, а некои паднале во морето.

Неколку тимови на Брзата помош ги згрижиле повредените, а нуркачи тргнале во потрага по удавени.

Инцидентот се случил синоќа нешто пред полноќ, за време на настапот на раперот Релс Би.

Тој преку Твитер им посака на повредените да бидат силни и ги советуваше сите кои се грижат за своите пријатели и роднини да се обратат до организаторите на фестивалот.

Градоначалникот Абел Кабалеро изјави дека инцидентот ќе се истражува.

Се уште не е јасно дали платформата се срушила бидејќи имало премногу луѓе на неа, или затоа што самата структурата била слаба.