Стотици мигранти биле брутално убиени од саудиските гранични служби, обвинува Хјуман Рајтс Воч

Граничните сили на Саудиска Арабија се обвинети дека извршиле масовни убиства на мигранти и баратели на азил на границата со Јемен во новиот извештај на Хјуман Рајтс Воч.

Според извештајот убиени се стотици луѓе во периодот помеѓу март 2022 и јуни 2023 година, најголем дел од нив Етиопјани кои ја преминуваат границата во Саудиска Арабија од Јемен кој е зафатен со војна. Според организацијата, доколку овие убиства се направени како дел од политики на Владата на Саудиска Арабија, тогаш овие дејства би биле злосторства против човештвото.

Во извештајот се открива дека саудиските гранични служби користеле експлозивни оружја за да убијат што повеќе мигранти, а било пукано врз луѓето кои биле поблиску, меѓу нив и многу жени и деца, во „широк и систематски шаблон на напади“.

Во некои случаи граничната полиција ги прашувала мигрантите во кој екстремитет да ги застрелаат и потоа ги пукале од голема близина. Граничните сили исто така пукале со експлозивно оружје кон мигранти кои се обидувале да побегнат назад во Јемен, се наведува во извештајот.

„Саудиските власти убиваат стотици мигранти и баратели на азил во оваа далечна погранична зона, далеку од погледите на остатокот од светот. Трошејќи милијарди на купување професионални фудбалски и голф клубови и големи забавни настани за подобрување на имиџот на Саудиска Арабија не смее да го оттргне вниманието од овие ужасни злосторства“, вели Надиа Хардман, истражувачка за правата на бегалци и мигранти во Хјуман Рајтс Воч.

За подготовка на извештајот организацијата интервјуирала 42 луѓе, меѓу кои 38 етиопски мигранти и баратели на азил кои се обидувале да ја премината јеменско-саудиската граница, како и 4 роднини на лица кои се обиделе да ја преминат границата во тој период. Хјуман Рајтс Воч анализирале и повеќе од 350 видеа и фотографии објавени на социјалните мрежи или од други извори, како и стотици квадратни километри сателитски снимки.

Луѓето кои вообичаено се обидувале да ја преминат границата во група со околу 200 луѓе, сведочеле дека биле напаѓани со минофрлачи и други експлозивни оружја од саудиските служби кога ја преминувале границата. Сите интервјуирани опишувале сцени на хорор, со повредени или речиси мртви тела на жени, мажи и деца кои биле распослани низ планинскиот предел.

„Прво јадеш со луѓето, а потоа тие умираа“, објаснува еден сведок на настаните. „Имаше луѓе кои не беше можно да се препознаат, бидејќи нивните тела беа расфрлани насекаде. Некои беа и преполовени“, додава тој.

Дигиталната истрага на Хјуман Рајтс Воч потврдила и лоцирала мртви луѓе на патеките, камповите, како и во медицинските установи. Нивната анализа покажала зголемен број на гробници во близина на мигрантските кампови и ширење на граничната безбедносна инфраструктура.

Од организацијата повикуваат Саудиска Арабија веднаш да ја повлече политиката на употреба на смртоносна сила кон мигрантите и барателите на азил, без разлика дали таа постои официјално или не. Според нив тамошните власти треба да ги истражат и соодветно да ги казнат членовите на безбедносните сили одговорни за овие злодела.

Дополнително од Хјуман Рајтс Воч бараат властите од светот да ја повикаат Саудиска Арабија на одговорност, а очекуваат и истрага поддржана од Обединетите нации која ќе ги утврди злоупотребите на мигрантите и дали убиствата потпаѓаат под злосторства против човештвото.

Некаде околу 750 илјади Етиопјани живеат или работат во Саудиска Арабија. Иако најголемиот дел од нив мигрираат од економски причини, дел бегаат од сериозни кршења на човековите права во Етиопија, меѓу кои и последниот брутален воен конфликт на северот на земјата.

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.