Стотици луѓе маршираа во Бостон во одбрана на науката од политиките на Трамп

Чиама Обиоло била спремна да започне средно училиште на Латинската академија во Бостон пред четири години кога и била дијагностицирана сколиоза. Откако преживеала десетчасовна операција, тинејџерката од Дорчестер морала да научи да оди, да јаде и сама да се облекува. Според неа, науката е таа што и го спасила животот.

„Ако немаше истражувања за сколиозата и како таа да се поправи, немаше да има начин како јас да се лечам и мојот р’бет и понатаму ќе беше искривен“, вели 17-годишната Обиоло.

„Јас веројатно немаше да бидам жива“, додава таа.

Обиоло станала активистка во движењето против климатските промени и беше една од десетината говорници на вчерашниот протест „Бори се за науката“ на плоштадот Коплеј, придружувајќи им се на стотици научници кои се против како што велат, напорите на претседателот Трамп да ги дискредитира науката, постоењето на климатските промени и државните научни институции.

„Добрите вести од науката не се ексклузивни само за елитата, туку нејзината порака мора да стигне до масата и да им даде моќ на сите, од млади до повозрасни“, рече Обиоло во својот говор пред насобраните.

Меѓу толпата беа собрани стотици наставници, биомедицински инженери, универзитетски професори од МИТ и Харвард, кои извикуваа „Бори се за науката“, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Следете го доказот“ и „Науката е битна“.

Не изостана да се спомене и тоа што во петокот температурите наликувале на пролетно време, достигнувајќи до 50 степени Целзиусови, па еден од транспарентите гласеше – „Климатските промени се реални“.

Пол, 32-годишен молекуларен биолог кој живее во Сиетл и геј имигрант од Индија, рече дека тој претставува пресек на сите групи кои беа нападнати од администрацијата на Трамп.

„Ние не протестираме против партија“, рече Пол. „Како научници, ние сакаме да ја поддржиме вистината“.

Активистите планираат сличен протест да организираат и во Вашингтон, на пролет. Граѓанската иницијатива најави и марш на Денот на Земјата, на 22 април. Кампањата досега привлече 1,3 милиони поддржувачи на социјалните медиуми.