Стотици илјади луѓе на улиците низ Венецуела на 50-тиот ден протести против Мадуро

Со транспаренти на кои пишувало „Ние сме милиони наспроти диктатура“ и „Нема повеќе диктатура“. Огромна група демонстранти, во бели кошули, гас-маски кои сами ги изработувале и знамиња заврзани околу нивните раменици ја блокираа главната улица во Каракас, главниот град на Венецуела, во синоќешните протести.

Додека во граничниот град Сан Кристобал, маскирани млади луѓе фрлале со камења, додека сведок за Ројтерс изјавил дека двајца од демонстрантите носеле мачети.

Според проценките на опозицицијата, само во главниот град марширале преку 160 илјади луѓе.

ФОТО: ЕПА

ФОТО: ЕПА

Многу граѓани на Венецуела се бесни на владата на претседателот Николас Мадуро, обвинувајќи ја за високата инфлација, недостатоци на храна и лекови, како и ограничување на човековите права. Тие бараат избори, слобода за затворените активисти, странска помош и автономија за опозициски контролираниот парламент.

Најмалку 46 луѓе досега загинале, помеѓу нив и цивили и припадници на безбедносните сили, во најлошите судири со кои се соочува Мадуро откако ја доби власта во 2013-та година.

„Не сакаме повеќе смрт. Сакаме плати кои ќе имаат некоја вредност и лекови. Владата троши повеќе за куршуми и оружје отколку за храна и образование во земјата“, вели 33-годишната правничка Мариа Дијаз стоејќи на поројниот дожд пред безбедносните сили, пренесува Гардијан.

Војската го оневозможила пристапот до центарот на градот, а властите затвориле најмалку 10 метро станици во очекување на масовните протести на стотици илјади луѓе. Вчерашниот протест го одбележа 50-тиот ден како граѓаните на Венецуела се на улица, додека немирите добиваат на интензитет поради покачувањето на смртните случаи и хаотичните сцени на ноќни грабежи низ земјата.

ФОТО: Ројтерс

ФОТО: Ројтерс

Безбедносните сили изминатиов период постојано се обидуваат да ги спречат демонстрантите да стигнат до центарот на градот, каде се наоѓа претседателската палата, Врховниот суд и Комисијата за избори.

Во меѓувреме, Мадуро објавува видеа како со спуштени прозори во својот автомобил поминува низ разни населби ноќе, додека зборува за враќање на мирот во земјата.

Владата, која тврди дека демонстрантите сакаат да направат пуч зад про-демократската реторика, одржа контра-протести во Каракас со игра и песна на десетици илјади поддржувачи на Мадуро. Претставници на власта често се појавуваат на државната телевизија со фотографии од вандализирани продавници и блокирани патишта за кои ја обвинуваат опозицијата.

ФОТО: Ројтерс

ФОТО: Ројтерс

Последните недели, демонстрантите ги гаѓаа безбедносните сили кои користат гумени куршуми и солзавци да ги блокираат маршевите, со се што имаа на располагање – од молотови коктели до пластични кутии полни со фекалии.

„Педесет дена и убија педесет луѓе. И покрај се, на 50-тиот ден, покрај репресијата, има голем отпор и голема борба за Венецуела“, изјавил опозицискиот лидер Енрике Каприљес, кој го предводел вчерашниот марш во Каракас.

Каприљес доби забрана за вршење јавна функција во следните 15 години, а оваа недела информираше дека му бил конфискуван и пасошот пред да замине на пат за Њујорк, каде требало да зборува за кршењето на човековите права во Обединетите нации.

Во четвртокот, Соединетите Американски Држави воведе санкции за главниот судија и седум други членови на Врховниот суд, додека претседателот Доналд Трамп ја нарече хуманитарната криза во Венецуела „срам за човештвото“.

Мадуро возврати со порака до Трамп да не се меша во внатрешните работи на Венецуела.