Стотици илјади граѓани протестираат во Хонг Конг против законот за екстрадиција

Неколку стотици илјади луѓе излегоа на улиците во Хонг Конг во неделата со цел да го спречат измени на законот за екстрадиција, додека нов масовен протест е најавен за утре.

 

Според демонстрантите, предложените измени ќе го олеснат апсењето на критичарите, дисидентите, па дури и новинарите од Хонг Конг од страна на Кина. На протестите беа извикувани пароли како „не за злиот закон“ и се бараше оставка од највисоката претставничка на градот-држава, Кери Лам.

Законските измени утре треба да го имаат последното читање во градскиот парламент, пред да се гласа. Лам веќе најави дека нема да прифати одложување или менување на предложените законски измени.

Паралелно со одлучувањето од законодавците, повеќе организации најавија голем протест и парализирање на институциите. Неколку стотици компании најавија дека ќе штрајкуваат во текот на утрешниот ден, со цел да се солидаризираат со нивните работници кои сакаат да бидат дел од демонстрациите против измените во законот за екстрадиција.

 

Организаторите на протестот од неделата, Цивилниот фронт за човекови права, проценија дека викендот демонстрирале преку милион луѓе, додека полициските служби утврдиле дека на собирот имало околу 240 илјади граѓани.

Социјална работничка, која бил дел од протестот, изјавила за локален медиум дека протестира за одбрана на луѓето кои работат во сферата на социјалната работа. бидејќи под кинескиот правен систем, оние кои сакаат да внесат позитивни промени во општеството можат да бидат уапсени. Друг демонстрант, студент, смета дека ако се усвојат овие измени, ќе престане да постои уставниот принцип „Една земја, два системи“, кој ја прави главната разлика во политичките системи на Кина и Хонг Конг.

Ова не е прв протест против измени во законот за екстрадиција. На 30-ти март, околу 12 илјади граѓани се собраа на протест пред владата да ги предложи законските измени. Еден месец подоцна, на 28 април, околу 130 илјади луѓе бараа отфрлање на нацрт-законот.