Стотици граѓани вчера излегоа на протест поради депонијата Русино која од ноќеска повторно гори

Над 300 автомобили, луѓе на велосипеди и моторцикли вчера дефилираа по одредена рута низ Гостивар револтирани поради депонијата Русино, каде како што велат, се носи ѓубре од вкупно девет општини во околината. Од ноќеска таа е повторно запалена, а фотографии од чадот кој се гледа и од Гостивар постојано се споделуваат во Фејсбук групата која ги обединува во нивната идеја.

Едно од неколкуте решенијата за овој горлив проблем е да сопре горењето на депонијата со трупање песок, но и да се прекине со носењето ѓубре таму, бидејќи тоа е дива депонија, смета Анастасија Дукоска дипломиран машински инженер по заштита на животната средина, која воедно е дел од иницијативата „Стоп Русино.

„Значи никој нема право да носи ѓубре горе, тоа е исто како некој сега во двор да си направил депонија, и сега да си фрламе. Нема документи… значи да се прекине, и под итно да се најде нова локација, а не оваа локација, затоа што Русино е веќе преполно, нема веќе место за ѓубре. Прво зашто вагата горе не им работи, кога носат ѓубре горе, го фрлаат туку-така, не мерат“, изјави Дукоска за Радио МОФ.

Граѓанската иницијативата не го прифаќа планот за санитарни депонии низ земјава каде е вклучена и таа во Русино. Дукоска појаснува дека тие сакаат депонија со европски стандарди, но не на тоа место.

„Проблемот е на полошкава страна, што тие ја имаат земено Русино, како место за санитарна депонија. Значи што сакаат да направаат – над депонија, депонија да направат, санитарна, која што нема никаква врска со тоа што ќе биде после. Ние сме против. Значи ние како граѓанска иницијатива и Гостивар сме против тоа да се реализира, во многу новини го имаат напишано тоа, како ‘санирањето е моментално во тек’, и со оваа швајцарска фирма нешто ќе се санира. Не, ние не го сакаме тоа, ние не сакаме санитарна депонија“, појаснува Дукоска.

Граѓаните се лути и поради тоа што ноќеска, како што објаснува Дукоска, некој намерно ја запалил депонијата и посочи дека тоа под итно мора да се санира.

Депонијата Русино утринава

„Многу се лути луѓето и сите постираат, имаат видеа. Еве сабајле бил на терен еден од нашите горе снимал, тоа и од Гостивар се гледа, не мора јас да се качувам на Русино да снимам, излегувам на тераса и гледам како гори, цел Гостивар е со тој воздух, мислам стварно е греота, 21 век…“, вели Дукоска.

Градоначалникот Арбен Таравари, како што посочува Дукоска, се огласил дека е на нивна страна, а таа побара од институциите да почнат да делуваат.

„Ако не делуваат, затоа што депонијата е дива, ние диво ќе си се качиме горе и ќе си го стопираме носењето на ѓубре од сите девет општини, затоа што во депонијата, односно во ѓубриштето девет општини фрлаат, а можеби и 11, значи рачунајте колку се тоа… и ние ќе ги стопираме, ќе почнеме со протести, малце поагресивни со стопирање на возила“, вели Дукоска.

Активистката објаснува дека како иницијатива имаат и убави предлози кои се лесни да ги реализира општината, а кои не се ни скапи. Таа посочи дека земјата која настанала од копање на патот Охрид – Струга може да се носи неколку пати неделно на Русино, и вели дека така одма ќе се затрупа, а за неколку месеци и целосно ќе се затвори.

„Ние имаме предлози за коишто не треба да се плаќа многу, значи затворајте ја, проблем е. Затоа што секоја депонија има стандард и закон да се трупа. Трупање и притискање е процес којшто не дозволува воздух измеѓу, по еднаш неделно. Нашава депонија, еднаш на четири месеци го притискаат, рачунајте колку внатре има воздух, вода колку лесно влегува. Поентата е од дождови да не влегува толку вода, а сега со тој воздух којшто е насобран и колку е волуменот на таа депонија, рачунајте колку има воздух, и зошто гори, таа од внатре гори пред се, малце му треба одозгора да се запали“, објаснува Дукоска.

Ова не е прв протест поради депонијата Русино, на почетокот на месецов беше организиран уште еден протест на кој граѓаните испратија порака до институциите да најдат решение за нивниот проблемот.

М.К.