Стотици демонстранти заробени од полицијата во универзитетски кампус во Хонг Конг

Стотина демонстранти во Хонг Конг се заробени во универзитетски кампус додека полицијата врз нив употребува солзавци за да ги спречи да го пробијат кордонот и да излезат од локацијата, јавува АП.

Повеќе денови демонстрантите го блокираа кампусот на Политехничкиот универзитет за да ја спречат полицијата да упадне внатре. Откако биле обиколени од полициските сили, тие се обиделе да излезат но утрово полицијата ги спречила со солзавец. Демонстрантите сакаат да избегнат апсење, додека полицијата сака да уапси што поголем број од нив.

Најголемиот дел од демонстрантите носат маски за да го заштитат идентитетот од надзорните камери кои може да се користат за да бидат кривично гонети. Претходно, врховниот суд на Хонг Конг пресуди дека забраната за криење на лицата на јавни собири е неуставно.

ФОТО: АП

Од полицијата соопштиле дека исфрлиле солзавци бидејќи демонстрантите ги напаѓале со молотови коктели.