Стотици деца го обоија паркот во скопски Капиштец

Паркот во скопската населба Капиштец вчера попладне бликаше од радост, преплавен со деца кои насликаа голем број цртежи на ликовната работилница организирана од локалната самоуправа.

Малите рачиња со дрвени и мрсни боички, темпери и фломастери ги сликаа своите фантазии и желби и веднаш ги изложуваа своите дела. Некои деца гордо ги гледаа и се фалеа со цртежите. Имаше цвеќиња, зајдисонца, дрва, куќи, автомобили, пушки, ликови од цртаните филмови, апстракции. Децата неуморно одеа од своите масички до масата каде имаа на располагање хартија, бои и сликарски прибор, земаа што им треба и брзо се враќаа, задлабочени и сериозни во своето творење. Насмевката беше универзална и кај малите и кај возрасните, како и впечатокот дека вакви настани им недостигаат на маалата низ Центар.

„Многу убаво се забавуваме, навистина поминуваме прекрасно и уникатно попладне. Убава е глетката да се видат толку многу деца на едно место, во заедничка игра“, вели една мајка.

Во паркот Капиштец беше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ кој вели дека ќе продолжи да иницира вакви настани кои ги инспирираат децата на дружење, при што низ игра се остварува и едукативна цел, а од друга страна освен децата, се зближуваат и возрасните.

Ликовната работилница се одржа под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, со цел децата и родителите да се мотивираат што повеќе време да поминуваат надвор во игра, како некогаш, наместо да седат затворени дома пред таблет, телефон, компјутер или телевизор.

На децата вчера им асистираа и им помагаа студенти од Факултетот за ликовни уметности- Скопје. Следното дружење е закажано за следната среда, на 11 јули, кога на ред е музичка едукативна работилница. Предвидени се вкупно седум настани под слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“, кои ќе се одржат на три локации во општина Центар.