Стоп за Усје утре иницира нов протест: Кога институциите молчат, граѓаните зборуваат

Под мотото „Дојди на блокада против труењето на Усје“, иницијативата Стоп за Усје утре, среда 21 јануари, од 18 часот повторно иницира протестен собир на раскрсницата на булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, со правец кон Цементарата Усје.

Иницијативата потсетува, нивните барања до повеќе институциите ги испратиле уште на 29 декември, но досега има тишина. Односно, како што велат, никој не се одзвал, ниту преземал одговорност.

„Ова веќе не е институционален пропуст, ова е свесно игнорирање на јавното здравје и човековите права. Кога институциите молчат, граѓаните зборуваат. Кога нема одговори, има блокади. Затоа на 21.01.2026 одиме на блокада. Затоа што немаме луксуз да чекаме додека се разболуваме и умираме! Ова е последно предупредување. Здравјето не е предмет за игнорирање. Воздухот не е привилегија. Молкот нема да помине“, соопштија од Стоп за Усје.

Пред некој ден од компанијата „ТИТАН Усје“ повторија дека емисиите од нивната работа постојано се под граничните вредности определени со закон, а од 2007 година тие се мониторираат 24 часа. Како што посочија оттаму, мониторинг се врши 365 дена во годината од независен, автоматски систем за вкупна прашина, SO2и NOx, кои се контролирани од надлежните органи.

„Компанијата не е во можност на каков било начин да влијае врз резултатите. Технолошкиот процес оневозможува работа на погонот без работа на филтрите“, рекоа од ТИТАН Усје, посочувајќи дека компанијата целосно ја почитува законската регулатива во сите области од своето работење, ги применува светските добри практики во производство на цемент и на јасен и транспарентен начин комуницира со сите засегнати страни.

Од друга страна, од Стоп за Усје рекоа дека такви тврдења доаѓаат и од власта и од Цементарата со години, а граѓаните секојдневно го дишат истиот воздух.

„Без 24/7 мониторинг достапен за јавноста, во реално време, сè останува збор против реалност. Додека тие уверуваат – граѓаните плаќаат со здравје. Додека тие се повикуваат на инспекции – довербата е нула. Доста е од ПР-наслови. Сакаме транспарентност, не изјави. 24/7 јавен мониторинг – сега“, соопштија од иницијативата.

Од Стоп за Усје, меѓу другото, до институциите побараа мерната станица кај Цементарата, поставена во 2023 година, конечно да почне да работи, да мери 24 часа и јавно да прикажува податоци во реално време.

„Стоп за Усје“ бара постојан мониторинг, акредитирана лабораторија за мерење аерозагадување и Усје да премине кон почисти енергенси

Понатаму, Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous emission monitoring system) за континуирано следење на оџаците на Цементарата, а при секое евентуално прекршување да се изрекува казна по принципот на „Safe City“ и времена забрана за работа. Воедно, Усје во производството да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород.

Иницијативата бара да се ревидираат и постојните мерки за прогласување на вонредна еко-состојба, граничните вредности на загадувачките честички како ПМ10 да се усогласат со препораките на СЗО, истовремено и државната лабораторија да се акредитира за мерење аерозагадување.

Радио МОФ уште од 2019 година истражуваше за оваа лабораторија, која постои одамна, но е практично неупотреблива во еден од најзагадените градови во Европа. Инспекторите не можат да ја користат како алатка за утврдување и санкционирање загадувачи, било да се тоа „црни точки“ или оператори од А или Б интегрирана дозвола, бидејќи досега не е акредитирана според ниту една метода за воздух според меѓународниот стандард за лаборатории ISO17025. Оттука, со нејзината нефункционалност против аерозагадувањето, меѓу екологистите владее сомнеж за евентуална спрега меѓу инсталациите и приватните комерцијални лаборатории, кои единствено се акредитирани за воздух.

Државата не издвојува пари за лабораторија што ќе контролира загадувачи

Бојан Шашевски