Стоп за рудници, профитери назад! – порачаа младите на Штука и Иловица

Младите од Босилово денеска преку протестен марш јасно упатија порака дека не сакаат рудник во нивната општина. Граѓани во голем број го започнаа протест кај фудбалското игралиште по што продолжија кон центарот. Поддршка им даде и градоначалникот, Зоран Зимбаков.

„Како млад човек кој студира право и својата иднина ја гледа овде, не можев да бидам мирен и да молчам, гледајќи како ќе ни ја уништат животната средина во која живееме. Мојот дом е овде и не можам да си простам доколку молчам, гледајќи како не’ присилуваат да си ги напуштиме огништата. Мило ми е што гледам како младите не сме сами во битката против профитерите. А како да бидеме сами кога борбата е заедничка, а целта иста. Ова е борба за живот, борба подеднаква за сите! Се обидуваа да ги поткупат нашите сограѓани, да ги убедат како рудникот е добар, но заборавија на нас младите. Заборавија дека ние размислуваме свесно и со бистра глава. Ние знаеме колку губиме, а колку тие добиваат. Заборавија дека младите не се лажат по нивните пари, зашто младите не веруваат во приказни. Реалноста вели дека имаме здрава животна средина што треба да ја зачуваме“, гласи еден од говорите.

Младите од Босилово ги повикаа централните и локалните власти да го решат проблемот.

„Ни ветуваат дека нема загадување – не луѓе, овие ветувања се лажни. Не ги кажуваат нивните реални ветувања, овие ветувања што ги кријат од народот многу вешто. Ви зборувам за тоа дека единствено ветување и факт е тоа дека рудникот ќе ни донесе само загадување. Младите одлучивме, му велиме не на рудникот на смртта. Луѓе, дали профитот ви е поважен од илјадници млади животи? Вреди ли? Да, не вреди. Нашата борба не застанува тука. Ние продолжуваме со оваа борба се додека не стигнеме до нашата крајна цел, односно стопирање на рудникот на смртта“, беше говорот на млада девојка од локалната иницијатива „Младите на Штука-Иловица“, која беше организатор на протестот.

Posted by Здрава Котлина on Sunday, 24 March 2019

Претходно, со своја реакција за протестот се јави концесионерот „Еуромакс рисорсес“ од каде велат дека ги поддржуваат ситe активности за заштита на животната средина, но дека лажните вести и говорот на омраза не е граѓански активизам.

„ За жал и покрај сите одговорени прашања, се повторуваат неоснованите напади од оваа група. Досега слушнавме бројни обвинувања од областа на животната средина, геохемијата, сеизмичката активност во регионот, но ниту еднаш зад овие обвинувања немаше доказ од нивен експерт или познавач на таа област. Eуромакс ја почитува важноста на земјоделството во струмичкиот регион и слушнавме обвинувања дека рудникот ќе биде штетен за земјоделството, но ниту еден земјоделец не го кажал тоа досега. Ниту едно од нивните тврдења за загадување не е поддржано од нашите сеопфатни извештаи и студии направени од независни македонски и меѓународни експерти во таа област или од други студии што сме ги презентирале. Овие постапки наведуваат на тоа дека таа група не бара одговори на прашањата, туку едноставно со навреди и лаги се обидува да привлече публицитет за да се промовира себеси и своите интереси.На протестите редовно ги гледаме истите неколку лица кои немаат стручно познавање за рударството или за заштитата на животната средина, ниту за заштитата на човековото здравје или за земјоделството. И веројатно, водени од интереси кои само ним им се познати, постојано ги повторуваат истите работи за кои повеќепати се одговорени од кредибилни извори“, истакнуваат од компанијата.

Оттаму повторија дека нивниот проект значи вработување за жителите на општините Босилово и Ново село и заживување на економијата во регионот.