„Стоп за екстерните испити“ – втор студентски пленум

Во среда (29 октомври) студентите најавуваат нова неформална средба на која ќе се разговара за најавеното екстерно тестирање. Како што објави студентското движење Студенски Пленум на својата ФБ страница, средбата ќе се одржи во просториите на Електро- машинскиот факултет, во 17 часот.

„Сметаме дека пред се`, неопходно е обединување на студентското тело, при што, сите студенти заеднички ќе ги изнајдеме правните нерегулативи, истите ќе ги артикулираме и посочиме како свои аргументи против овој предлог закон. Треба да се искористат сите институционални методи со кој би го спречиле овој за нас неправеден закон, а доколку тие не помогнат тогаш да се оди на протест. Протестот за нас е крајно решение. Без претходно обединување на сите студенти тој би бил неуспешен“, наведуваат од студентското движење.

Студентски Пленум се опишува како автентична иницијатива покрената од самите студенти која се оградува од било какво партиско влијание. Тие ги охрабруваат сите да продолжат да доаѓаат на студентските пленуми како независни студенти и да зборуваат од свое име за да се дојде до заедничко решение кое на сите ќе им одговара. Ова е втор состанок на студентите каде ќе се дискутира за ектерното на факултетите. Првиот се одржа минатата среда, на платото кај УКИМ.