„Стоп за цензурата, не ги даваме бомбите!“ – протест пред Собрание денеска во 18:00 часот

Граѓанското движење „АЈДЕ“ за попладнево (7 октомври) во 18:00 часот најави протест пред Собранието поради најавениот предлог-закон за забрана на објавување на т.н. опозициски „бомби“ со кои се инкриминира власта.

Стоп за цензурата! Не ги даваме бомбите! Не ја даваме вистината! Стоп за фашистички закони! нема да ви помине! Причината е едноставна, имаме право на слободно информирање и изразување, а тоа право е повредно и повисоко од која било политичко-фашистичка сила претставена преку бројка на пратеници“, се наведува во повикот нa Фејсбук каде се потсетува дека со член 16, од Устав на Република Македонија цензурата е забранета.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предложија закон за бришење на сите досега објавени „бомби“ на СДСМ, односно за прислушуваните материјали, а казната за секој што не би го почитувал законот да биде четири години затвор. Со него индиректно се предлага порталите да ги тргнат од своите веб-страници сите досега објавени текстови поврзани со материјалите од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, што се однесува и на досега необјавените прислушувани материјали што треба да бидат предадени на специјалниот јавен обвинител. Во спротивно се најавуваат кривични пријави.