„СТОП на домашното насилство!“ – јавни собири утре напладне во Скопје и Охрид

Утре (12 декември), напладне, на градските плоштади во Скопје и Охрид, преку јавен собир ќе се одбележи завршницата на глобалното движење „16 дена активизам“.

Во Скопје е најавен и перформативен молк, во чест на сите жртви на родово базирано и посебно семејно насилство.

„Форматот на мирниот јавен собир е избран за да ги соедини сите засегнати страни во овој социјален проблем, првенствено крајните кориснички на организациите, примарните чинители –претставници/чки од институции, експертската јавност и активистки и сите девојки и жени“, стои во најавата за настанот во Скопје.

Организатор е Билиана Ангелова, сопругата на бугарскиот амбасадор во Северна Македонија, која обедини повеќе поединки и граѓански организации.

Па така, во Охрид има поддршка од Општината, а во Скопје од граѓанската организација „Една може!“. Овде се очекува да се вклучи и првата дама Елизабета Ѓоргиевска.

„Охриѓанки кои ќе бидат дел од случувањето  преку порака која ќе ја напишат на својата дланка ќе дадат тивка поддршка на жртвите од семејното насилство“, информираат од Општината.

Во меѓувреме во Скопје, од „Една може“ ќе ја презентираат завршната активистичка изложба насловена „Компилација Мегафон 1: Анонимна реалност/дојави од еднородителски семејства и самохрани мајки од Р.С. Македонија“ (извршно резиме)“, под водство на родовата експертка и претседателка на организацијата, Дороти Пачкова.

Целта на оваа компилација е да ги приближи реалностите на самохраноста кон друштвената заедница, но и да послужи како лобирачка алатка кон креторите/ките на политики и да им воочи зошто е неопходно да се создаваат специфични мерки и политики за конкретната целна група – самохрани мајки.

Организаторите ги повикуваат сите граѓани да излезат на плоштадите во своите градови и да ја упатат пораката: „Стоп на домашното насилство! Биди храбра!”.

Во меѓувреме, граѓаните може да дадат своја поддршка на жените и децата на родово базирано насилство и преку донации на телефоните: А1 143 133 и Телеком 143 999 или преко ж- ска 210 065376690283 НЛБ Здружение Добредојде Маседониа Велкамм Центар.

Можат да се вклучат и онлајн, преку порака напишана на дланки и споделена на фотографија на социјалните мрежи со хаштази: #бидихрабра #стопнадомашнотонасилство

Глобалната кампања „16 дена активизам“, во која се вклучи и Северна Македонија, започна на 25 ноември, а заврши на 10 декември, Светскиот ден на човековите права.