Стојановски: Мал интерес на државата да помогне на маргинализираните групи

Мали буџетски средства од државата за имплементација на Законот за бесплатна правна помош, лимити кои им се наложуваат на здруженијата кои се овластени за обезбедување бесплатна правна помош и мал интерес на адвокатите да се вклучат во акцијата, се воглавно заклучоците што се добија од проектот „Пристап до правда во Македонија“.

Проектот имаше за цел да го тестира и мониторира Законот за бесплатна правна помош, врз основа на методологија развиена и применета од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија и мрежата од 6 овластени здруженија за обезбедување бесплатна правна помош.

Според Александар Стојановски, координатор на проектот и дел од Фондацијата Отворено општество, пропустите воглавно се однесуваат на волјата и на интересот на државата да помогне на маргинализираните групи на граѓани.

Тој вели дека ова е најизразено преку постојаното неподобрување на законот и постојаните ниски финансии коишто се одвојуваат.

„Тоа беа три милиони денари на годишно ниво во последните години што според нашите анализи е далеку од доволно, многу мал износ за да се справиме со овие групи кои имаат право на правна заштита, а немаат можност“, изјави Стојановски.

„Конкретна дискриминација немало, меѓутоа Управниот суд по претставки, односно тужби за одбиени апликации нема донесено ниту една одлука, значи во нашиот проект 16 тужби за негативни одлуки од министерство за правда се поднесени до Управен суд и во периодот кога го вршевме мониторингот не беше донесена одлука. Така што, проблемот повеќе не е во дискриминацијата, туку во експедитивноста на државните институции во решавање на овие предмети каде со самиот закон треба да има итност, а не се почитува во реалност“, додава тој.

Проектот се спроведуваше во последните 18 месеци, со финансиска поддршка од Европскиот инструмент за демократија и човекови права (EIDHR) на Европската унија.

Во текот на проектот, правни совети биле обезбедени за повеќе од 1.800 граѓани од ранливите групи за да решат некој конкретен правен проблем со кој се соочуваат, поднесени биле вкупно 159 барања за правно застапување во судски постапки финансирано од државата, а покренати биле административни спорови против 13 одлуки со кои се одбива барање за бесплатна правна помош пред Управниот суд.

Целта на проектот е да придонесе во подобрувањето на системот за заштитата на човековите права во земјата. Исто така, проектот се фокусираше на идентификување на слабостите во примената на Законот за бесплатна правна помош, преку директно вклучување во овој механизам. Меѓудругото, претставува продолжување на повеќегодишните заложби на здруженијата кои работат на примената на овој суштински инструмент за заштита на човековите права.

Препорачани акции што треба да се преземат во насока на подобрување на механизмот за бесплатна правна помош се:

Да се организира транспарент процес на реформи за подобрување на Законот за бесплатна правна помош, со значајно учество и придонес од сите засегнати страни;

Да се земат предвид критериумите и судската практика воспоставени од Европскиот суд за човекови права во случајот Airey v. Ireland;

Да се воспостави унифициран систем за подобрен пристап до правда кој, дополнително на механизмот за бесплатна правна помош, ќе се осврне и на проблемот со судските трошоци за маргинализираните групи на граѓани;

Да се подобрат административните и техничките капацитети на Министерството за правда, со цел да се овозможи брзо и ефективно работење од страна на неговите подрачни единици во однос на обезбедување бесплатна правна помош за граѓаните, како и квалитетно управување со системот за бесплатна правна помош;

Да се направат анализи и истражувања во областа на пристап до правда и бесплатна правна помош, особено од страна на Министерството за правда, граѓанските организации и академската заедница, коишто треба да придонесат за подобрување на Законот за бесплатна правна помош;

Да се овозможи потесна интеграција на овластените здруженија во системот за бесплатна правна помош, со цел да се промовира подобро искористување на овој систем;

Да се воспостави и да се одржува соработка и размена на искуства меѓу сите релевантни засегнати страни во обезбедувањето на бесплатна правна помош.