Сто илјади луѓе во Минск побараа претседателот Лукашенко да замине

На еден од најголемите опозициски собири во историјата на Белорусија, повеќе десетици илјади луѓе во Минск побараа да замине претседателот Александар Лукашенко кој одбива да се повлече, една недела по неговиот контроверзен реизбор, пренесува хрватски „Индекс“.

„Оди си“, скандираа демонстрантите насобрани околу споменикот на жртвите од Втората светска војна.

Новинската агенција „Франс прес“ процени дека на собирот присуствувале повеќе од 100.000 луѓе, додека независниот медиум „Tut.by“ наведе дека ова е најголемиот собир од независноста на земјата во 1991 година.

Вот так сейчас выглядит проспект Победителей в Минске. Фото Татьяны Коровенковой и Дмитрия Брушко.

Posted by Белорусский портал TUT.BY on Sunday, 16 August 2020

Дел од собирот беше и 39-годишната Дарија Кухта која таму беше заедно со нејзините шест деца.

„Сметаме дека се раѓа нова Белорусија и јас сум многу среќна што го гледам тоа. Никогаш не мислев дека ќе видам толку знамиња и луѓе кои не се плашат“, рекла таа.

На повик на Светлана Тихановскаја, главниот ривал на Лукашенко на претседателските избори, Белорусите протестираа и во голем број други градови во земјата.

Вчера во Минск се одржа и митинг за поддршка на Лукашенко, а како што пренесува „АФП“, тој ненајавено се појавил на плоштадот на независноста во Минск пред околу 10.000 негови приврзаници.

„Ве повикав тука, не за да ме браните, туку за прв пат во четврт век да ја браните својата земја и нејзината независност“, изјави тој.

Белорускиот претседател го отфрли барањето на опозицијата за организирање на нови претседателски избори, откако на 9 август освои 80% од гласовите, но и предизвика обвинувања за измама.

„Ако го направиме тоа, неповратно се ќе избега од контрола“, изјави тој пред граѓаните.

Лукашенко исто така рече дека сакаат да им наметнат влада од странство, а до него стоеше најмладиот син Николај, кого понекогаш го претставуваше како негов можен наследник.

Постои широко распространето мислење дека изборната победа на Лукашенко е резултат на изборна измама, а се поголем е бројот на приврзаниците на Тихановскаја која пребегна во Литванија.

По изборите, на протестите во првите четири вечери имаше обиди за нивно загушување од специјалните сили, при што загинаа најмалку две лица, а беа повредени десетици други. Протестите се проширија од четвртокот.

Големите собири сега воглавно се одвиваат без апсења, а белоруските власти се повлекоа, најавувајќи ослободување на повеќе од 2.000 од вкупно 6.700 приведени.