Стипендии за летна школа и студиски престој во Словачка

Универзитетски или факултетски професори, искусни наставници, студенти на постдипломски или додипломски словачки и словенски студии, писатели, преведувачи, како и сите заинтересирани за словачкиот јазик и култура ќе можат да аплицираат за една стипендија за „50–та годишна летна школа за словачки јазик и култура – Studia Academica Slovaca“, соопшти денеска Министерството за образование и наука.

Стипендии за летна школа и студиски престој во Словачка

Летната школа ќе се одржи од 3 до 23 август 2014 година во Братислава, Словачка, притоа, со стипендијата која ја доделува Министерството за образование, наука, истражување и спорт на Словачката Република ќе бидат обезбедени школарината, сместувањето со полн пансион и културните активности, а патните трошоци, до и од местото на студирање (автобуски билет), ги покрива Министерството за образование и наука на Македонија.

Заинтересираните кандидати потребно е да ја контактираат Амбасадата на Словачката Република во Македонија, на: emb.skopje@mzv.sk а потоа, најдоцна до 15 мај 2014 година, да се пријават електронски на: www.office.studyin.sk/sas.

Дополнително, преку Словачката национална програма за мобилност се обезбедуваат стипендии за студиски престој на некој од словачките јавни универзитети за академската 2014/2015 година, наменети за странски студенти на прв, втор и трет циклус на студии, универзитетски професори, истражувачи и уметници.

Од словачката страна, на избраните кандидати ќе им бидат покриени трошоците за живот (сместување, исхрана) за време на студискиот престој, а патните трошоци за повратен билет (автобуски билет) до и од местото на студирање, ги покрива Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Заинтересираните кандидати треба да достават електронска апликација, најдоцна до 30 април 2014 година (16.00 часот), на веб страната: www.scholarships.sk .

Сите конкурси, Министерството за образование и наука ги објавува на порталот: www.stipendii.mon.gov.mk , каде што може да се најдат и подетални информации за критериумите и условите под кои се доделуваат стипендиите.