Стипендии за 716 средношколци Роми во 2013/2014

Стипендии за 716 средношколци Роми во 2013/2014Во учебната 2013/2014 година ќе бидат доделени 716 стипендии за средношколци Роми, од кои 470 во месечен износ од 2.200 денари се за учениците кои имаат најмалку 3.5 просечна оценка, а 246 стипендии од по 1.500 денари се за тие што имаат успех од најмалку 3.

„Со проектот кој ќе се реализира петта година по ред, опфатени се ученици-стипендисти од 84 училишта во 28 општини во Македонија и се одвива во три фази – стипендирање, менторство и туторство“, рече на прес-конференција, министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Буџетот за стипендирање на средношколците Роми е обезбеден по 50 отсто од Министерството за образование и наука и од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта.

Во текот на целата учебна година за средношколците Роми е обезбедена и менторска помош – дополнителна поддршка на овие ученици за совладување на наставниот материјал по предмети кои им се тешки. Оваа учебна година ќе бидат избрани најмногу 120 ментори, со месечен хонорар за ангажманот од 3.000 денари. Ристовски посочи дека право да аплицираат на Конкурсот имаат сите предметни наставници од јавните и од приватните средни училишта во Македонија.

Ангажирањето тутори, пак, е за поддршка на матурантите Роми за да добијат помош во совладувањето на материјата за полагање државна или училишна матура. Фазата туторство ќе се реализира во април и мај 2014, а бројот на ангажирани тутори ќе зависи од вкупниот број матуранти и од потребата за дополнителна поддршка за полагање државна матура.

Во изминатите четири учебни години, од 2009/2010 година до 2012/2013, доделени се 2.239 стипендии за средношколци Роми, а од нив 2.212 успешно ја завршиле годината и запишале следна. Од стипендираните матурирале 284, а на студии се 124.