Студентката Севдие Ибраимова е една од 105-те студенти Роми кои добија стипендија од програмата за стипендирање од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта која се реализира преку СОРОС фондацијата, објави НОВА.
Вели студира на Економски факултет во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, и доколку не добиела стипендија немала да има можност да студира бидејќи нејзините родители се невработени.
Ајсел Мемет координаторката на РМУСП вели дека бројот на заинтересирани студенти Роми од година во година постојано растел.
„Како резултат на успешното функционирање на Програмата, зголемен e бројот на дипломирани студенти Роми, магистри и доктори. Во академската 2014/15 година бројот на заинтересирани кандидати за РМУСП стипендијата беше 227 апликации, од кои успешно испратени беа 179, а во моментов успешно ја поминаа селекција 105 апликанти“, изјави Мемет.
Надир Реџепи пак, член на управниот одбор на РЕФ, вели дека стипендирањето на студенти Роми ќе продолжи до 2019 година, затоа што покажува одлични резултати во предшколското и високото образованието кај ромското население.
„Лошите резултати кај Ромите во образованието, треба да се лоцира и кај институционалните системи, бидејќи треба да се запознаат со ромската култура и јазик, да се намали стереотипот и предрасудите што ги имаат кон ромските ученици и студенти“, изјави Реџепи.
Извор: НОВА