„Стипендии ЕКСПО 2013“ на 15 и 16 ноември во Скопје

Образовно информативниот центар и годинава ја организира меѓународната манифестација „Стипендии ЕКСПО 2013“ која има за цел промовирање на значењето на стипендиите за отворање и зголемување на пристапот до високото образование.

„Стипендии ЕКСПО 2013“ на 15 и 16 ноември во Скопје

Манифестацијата ќе се одржи на 15 и 16 ноември во просториите на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Оваа година е најавено учество на 26 учесници од 16 земји: Италија, Германија, САД, Холандија, Велика Британија, Шпанија, Турција, Србија, Австралија, Канада, Грција, Франција, Унгарија, Бразил, Кина и ОАE.

Манифестацијата Стипендии ЕКСПО нуди единствена можност на едно место да се презентираат голем број на опции за стипендирање и други форми на финансиска помош за студирање на голем број странски и домашни универзитети.

Стипендиите имаат голема улога во надминување на финансиските пречки кон високото образование и директно влијаат врз зголемување на бројот на високо образовани граѓани, што е клуч за континуиран економски раст на Македонија и создавање на образовано општество.

Манифестацијата Стипендии ЕКСПО 2013 го промовира значењето на стипендиите во добивањето на пристап на идните студенти до високо образование на сите нивоа, помага во процесот на изнаоѓање на финансиска помош за студирање во странство, научен престој или академска работа. Оваа манифестација, исто така, ја промовира и важноста на стипендиите во процесот на совпаѓање на наученото со потребите на пазарот на труд.

Стипендии ЕКСПО на едно место ги собира универзитетите, министерствата, амбасадите и културните центри во Македонија, како и претставници на бројни компании, фондации и невладини организации.

На самиот влез на манифестацијата воведен е електронски систем за регистрација на посетители, кој им овозможува на институциите да стапат во директен контакт со студентите заинтересирани за стипендиските програми кои тие ги нудат. Ова значително го олеснува процесот на размена на информации, како за студентите, така и за учесниците на Стипендии ЕКСПО 2013.

Оваа година спонзори на манифестацијата Стипендии ЕКСПО 2013 се универзитетите: Politecnico di Milano, Universita Cattolica del Sacro Cuore, Аmerican College of Thessaloniki, HULT International Business School и Algonquin College. Нови учесници оваа година се Middle East Technical University: METU од Турција кој е еден од најдобрите факултети за технички студии во Турција и нуди финансиска поддршка за македонски студенти и Singidunum University од Србија, приватен универзитет кој нуди многу програми од сите области и на сите нивоа.

Влезниците за Стипендии Експо 2013 се бесплатни и може да ги добиете на самиот влез на манифестацијата. За да добиете влезница потребно е да ја пополните пријавата со своите податоци. Секоја влезница има свој уникатен идентификациски број кој го означува идентитетот на посетителот. Истото може да го направите и претходно, најавувајќи ја својата посета преку пополнување на електронската форма за регистрација, со што веднаш го добивате својот уникатен идентификациски број.

Доколку веќе сте регистрирани во базата на www.stipendii.mk, потребно е само да се најавите на својот профил и од таму да го генерирате бројот за идентификација . Запомнете и приложете го бројот за идентификација на самиот влез.

Настанот е поддржан од Амбасадата на Канада.