Stephen Hawking: Следните 100 години се критични за човештвото

Прославениот научник Stephen Hawking предупредува дека човештвото е во опасност да се уништи самото себеси во следните 100 години, со рапидниот напредок на науката и технологијата.

Зборувајќи за BBC, тој вели дека иако напредокот е добра работа, тој создава „нови начини на кои нештата можат да тргнат погрешно“. Hawking ги истакнува нуклеарната војна, глобалното затоплување и вештачки создадените вируси како појави кои би можеле да значат крај за човештвото во следните 100 години.

Ова не е првпат како Hawking предупредува дека се соочуваме со катастрофа која самите ќе ја предизвикаме. Во 2014 година, тој изјави дека вештачката интелигенција би можела да „значи крај за човечката раса“.

Научникот, кој се смета за еден од најумните луѓе на денешнината, вели дека сепак е оптимист и дека верува оти можеме да ги надминеме проблемите со кои човештвото би се соочило. Но, ако се случи најлошото, еден од начините на кој можеме да обезбедиме продолжување на човечката раса е колонизирањето на друга планета, како на пример Марс.

„Иако шансите за глобална катастрофа во секоја дадена година се прилично мали, тие се собираат со тек на време и тоа станува извесност во следните 1.000 или 10.000 години. Но, ние нема да можеме да самодоволни колонии во вселената најмалку во следните 100 години, па треба да бидеме многу внимателни во овој период“, вели Hawking.

Сепак, тој вели дека ова е „славно време да се биде жив“ за научниците, посебно за теоретските физичари како него, со безбројни нови откритија кои чекаат да бидат откриени.