Стенсили на Бенкси во Мелбурн уништени од градежна фирма

Три стенсили на уличниот уметник Бенкси се уништени од градежни работници во Мелбурн. Со тоа се уништени вкупно пет дела на светски познатиот уметник во тој град во последните две години.

Стенсилите, стаорци на ѕидовите на ACDC улицата, се верува дека беа најголемата колекција на дела на Бенкси во градот. Биле насликани од британскиот уметник во 2003 година.

Стенсилите ги уништиле градежни работници кои менувале влезна врата. Од делото останале само зборовите „dream big“, кои сега стојат над вратата.

„Загубата“ била откриена минатата недела од Меер Ејделсон, сопственик на компанијата за тури на улична уметност Melbournewalks.com.

Стенсилите биле на два метри оддалеченост од другите стенсили на Бенкси кои беа оштетени во 2014 година.

„Лут сум, но веројатно бидејќи се чувствувам виновен. Мислев дека оваа иконична уметност е побезбедна доколку се крие, а не доколку се рекламира нејзиното постоење“, вели Ејделсон за Guardian.

„Погрешив. Време е да се прозбори гласно. Културното наследство на нашиот град е под закана“, додава тој.

Мелбурн не е единствениот град кој има уништено дела на Бенкси. Во 2014, советот на Есекс обои дело кој сметаше дека е „расистичко“, а во 2013 графит во централен Лондон беше отстранет откако заменик-градоначалникот изјави дека доколку остане ќе се смета дека графитите „се простуваат“.