Стејт департментот нотира контроверзни студентски избори, полициска сила и апсења на студенти

Освен раширената корупција и неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, во најновиот извештај на Стејт департментот за човековите права се споменуваат и контроверзните студентски избори.

„На 30 јуни, членови на Студентскиот парламент на УКИМ во Скопје, заедно со лица кои не се идентификувани како студенти и членови на ВМРО-ДПМНЕ насила влегле во Правниот факултет за да се вмешаат во изборите за нов претседател на Студентскиот парламент. Лицата ги земаа гласачките кутии и се заклучија во просториите на Студентскиот парламент, што е спротивно на Статутот – кутиите со гласовите да се бројат на гласачките места. Членови на полициската Единица за брзо распоредување пристигнаа во оклопни возила и употребуваа сила за да ги блокираат демонтрантите од неформалната организација, Студентски пленум, и притоа овозможија на други членови на Студентскиот парламент да пристигнат со останатите гласачки кутии. Во остатокот од ноќта, полицијата го блокираше влезот од Парламентот, при што имаше  неколку други насилни конфронтации, вклучително и физички напади и отстранувања“, стои во извештајот.

Во раните утрински часови, на 1 јули, Студентскиот парламент го објави победникот и тврдеше дека на изборите имало одѕив од 5.264 студенти гласачи, иако, стои во извештајот, проценките на набљудувачите од Студентскиот пленум за одѕивот беа далеку пониски.

„Во почетокот на јули, на Универзитетот се одржа итна седница и се формираше комисија за преглед на случувањата за изборите. Нема информации дека комисијата се состанала до крајот на годината“, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент.

Во извештајот се нотирани и примери за селективни апсења и приведувања за време на протестите на „Шарената револуција“, кои започнаа лани на 12 април, како револт на одлуката на претседателот Иванов за колективна аболиција на 56 лица.

„На стартот, полицијата апсеше учесници во протестите за вандализам и повреди на полиција. Кога почнаа контрапротестите во Битола на провладиното ГДОМ и резултираа со вандализам и повреди на полицајци, во тој случај немаше извештаи за апсења“.

Понатаму, наведено е дека „на 13 април, полицијата повреди неколку лица за време на апсењето на 13 студенти, поддржувачи на ‘Шарената револуција’.

„Уапсените студенти беа преместувани од полициски станици, се соочуваа со одложувања во однос на обвинител и судија, и не им беше укажана медицинска помош и пристап до адвокати повеќе од 12 часа над легалниот 12-часовен максимум. Полицијата ги товареше за ‘учество во толпа што ќе стори кривично дело’ за кршење на претседателската канцеларија. Од 13-те уапсени, 3 беа обвинети, а 10 со прекршочни казни“, се нотира во извештајот.

Инаку, Стејт департментот потенцира дека главните проблеми што произлегуваат од непочитување на владеење на правото во Македонија се ограничувањето на слободата на медиумите, мешањето во судството, попречувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство, како и селективното спроведување на правдата. Исто така, во извештајот се наведува дека судскиот систем во Македонија го карактеризираат политички мешања, неефикасност, фаворизирање на добро позиционираните личности, пролонгирани процеси, кршење на правото на јавно судење и корупција.

„Пријавени се и физичко малтретирање притвореници и затвореници од страна на полицијата и затворските чувари, лоши услови и пренатрупаност во некои од затворите и психијатриските установи, одложен пристап до правна помош за притворениците и обвинетите, ограничување на правото на Ромите да ја напуштат земјата и да ги добијат уставно гарантираните здравствени, особено гинеколошки услуги, ограничување на пристапот до азил, намалена превенција и заштита на жртвите од трговија со луѓе, семејно насилство кон жените и децата, дискриминација на луѓето со попречености, институционална и социјална дискриминација на Ромите и другите етнички малцинства и на ЛГБТИ заедницата, како и детски труд, вклучувајќи и принудно питачење“, се наведува во извештајот.

Стејт департментот исто така наведува дека владата презела ограничени чекори во истражување, процесирање и казнување на официјалните претставници кои направиле прекршувања, вклучително и полициските службеници виновни за прекумерна употреба на сила, но неказнивоста продолжува да биде широко распространет проблем.