Стефан Митиќ во Влада: Мене ми е важно да знам каков воздух дишам!

Почитуван Премиере, почитувани министри, почитувани присутни,

Како дојдовте денес на овој настан? Јас дојдов со велосипед. Возам велосипед секој ден. Возам кога е топло, возам кога е студено, возам кога врне. Го правам ова затоа што верувам дека оваа моја мала жртва ќе придонесе да живееме јас и останатите млади во оваа држава во почиста  и поздрава околина. Реалноста е поинаква. Реалноста е дека, оваа моја мала постапка не се споредува со моменталното ниво на загадување и жртвата која треба да ја прават, а не ја прават компаниите, индустријата и државата во ова наше општество. Она што мене ми е важно, е да знам каков воздух дишам. Реалноста е дека ја немам оваа информација.

Во 1999 година, Македонија ја ратификуваше Архуската конвенција и 20 години подоцна, иако според првиот нејзин столб, конвенцијата налага право на информираност за тоа каков воздух дишеме, ние не знаеме колку е навистина загадено општеството во кое ние живееме.

Прво, варијабилни се условите во кои се наоѓаат мерните станици, затоа што не се поставуваат во населените места според предвидените критериуми. Некаде се наоѓаат близу градилиште, некаде во ветровита средина, а некаде на прометно место што дава екстремни резултати. Второ, од 17 мерни станици низ државата, само 11 се функционални во моментов. Првенствено, мора да има повеќе од 1 мерна станица во секој град, станиците мора да бидат редовно и соодветно калибрирани, мораат да бидат поставени според утврдени критериуми и мораат да бидат поврзани во развиена мрежа на виртуелниот облак.

Честопати слушаме на телевизија, дека загадувањето се зголемува за време на зимскиот период, затоа што многу домови се греат на дрва. Повторно, реалноста е поинаква. Иако мислиме дека ние како индивидуи ако се грееме на дрва ќе може да придонесеме помалку да биде загадена животната средина, тоа не е точно. Едноставна е причината – голем број на институции како студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје и гинеколошко-акушерската болница во општина Чаир се’ уште се греат на фосилното гориво мазут. Во оваа насока можеме да се повикаме на успешниот пример на општина Струмица, каде иако нема развиена гасоводна мрежа, за загревање се користи компримиран гас. Истото мора да се имплементира и во останатите делови од државата и би претставувало функционален систем за сите граѓани. Решението кое го предлагаме на долгорочен план до Министерството за животна средина е создавање на гасоводна мрежа.

Друг аспект кој мора да претрпи ефикасна и одлучна промена е влијанието на индустриските погони. Пример кој ни нуди увид во ситуацијата се фабриката на компанијата за производство на лекови Алкалоид и фабриката на Пивара Скопје. Треба да се следи примерот на овие индустриски погони, кои имаат филтри на оџаците, редовна контрола на отпадот, а го употребуваат и природниот гас. Решението за сите останати погони е поставување филтри, нивна правилна употреба и редовно одржување. Затоа државата треба да инвестира на модернизирање на индустријата со цел да се зачува животната средина.

Третиот аспект во кој гледаме проблем е погрешната прераспределба на ресурси за енергија која директно се рефлектира на моменталната состојба на обновливите извори на енергија. Според студија на БалканРиверс објавена во Септември 2019 година, 70% од субвенциите за производство на енергија од обновливи извори се насочени кон изградбата на таканаречени мали хидроелектрани, кои ги оштетуваат и уништуваат реките и шумите, му нанесуваат огромна штета на биодиверзитетот и целиот еко-систем, а придонесот на  малите хидролектрани во целокупното производство на електрична енергија во државата е само 3,9% од енергијата.

Доколку ги земеме предвид природните одлики на нашата земја, односно 300-те сончеви денови кои ни се во полза во текот на годината, најпогоден избор е сончевата енергија. Со правилна распределба на средствата ќе се добие поефикасно и поисплатливо решение. Во овој правец, потребно е да се овозможи поголема либерализација на енергетскиот пазар, што ќе стимулира повеќе инвестиции во соларната енергија.

За крај, ќе ви кажам дека воопшто не беше лесно да се дојде до информации кои кажуваат колку е загадена нашата животна средина, информации како проблемот може да биде решен и како истата може да биде заштитена. Но реалноста е дека, ние како граѓани бираме претставници кои треба да ги знаат овие проблеми, треба да бидат свесни за нив и треба да имаат решение кои ќе ги адресираат истите и ќе ни помогнат да живееме во здрава и чиста животна средина.

Загадувањето не се решава преку ноќ, но затоа ние, младите ги распознаваме и конкретизираме проблемите и даваме цврсти решенија што докажува само колку нашите возрасни колеги само зборуваат за веќе препознаен проблем. Нашите решенија се изводливи, исплатливи и возможни, затоа што радикални проблеми бараат радикални решенија.

Стефан Митиќ, средношколец

*Говорот беше кажан на средбата „За децата, од децата“ на деца и млади со премиерот Зоран Заев, министри и членови од Владата по повод Светскиот ден на децата и 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата на ОН

 

 

 

 

 

 

Ноември, Скопје, 2019                                                                                          Стефан Митиќ