[Став] Зошто приказната на Ана Франк е лекција за денес

Откако изложбата „Ана Франк – Историја за денес“ пропатува десет градови во Македонија, а со неа и јас, не можам да не се запрашам: Дали Ана нѐ научи нешто?

Минатата недела, на 27 декември, светот им оддаде почест на милионите жртви на холокаустот, меѓу нив и Ана Франк, 16-годишно девојче кое зад себе ја остави својата историја и историјата на нејзиниот народ, за од нив да се научиме на подобро.

Приказната на Ана нѐ потсетува на едно ужасно време, со ужасни последици. Нѐ учи како пропагандата покоси еден народ. Да, добро прочитавте. Холокаустот не започна со гасните комори, почна со збор. Зборови, да бидам попрецизна. Зборови кои умешно ја извртуваа вистината, сѐ со цел да се смени општото мнение. Да се смени мислењето на еден народ за друг. Оваа успешна пропаганда резултирала со уништување на две третини од светското eврејско население. Освен нив, жртви биле и Ромите, хомосексуалците и оние кои не се согласувале со режимот.

Во Македонија, холокаустот покосува 98% од еврејското население. Наши соседи, пријатели и роднини; цели семејства се пренесени најпрвин во Скопје, во скопски монопол, па понатаму во логорот Треблинка. Од таму никој не се враќа. Повторувам, никој не се враќа.

Oва им го раскажувамe на средношколците кои се дел од оваа изложба и речиси никој од нив не знае дека над 7000 граѓани го губат својот живот. Па тогаш, што ги учиме на часовите по историја? Сме им објасниле ли зошто учат историја? Сме им покажале ли што е тоа емпатија? Знаат ли да сочуствуваат? И најважно, знаат ли што е тоа „нацист“?

Моето скромно искуство покажува дека не знаат. Несомнено, освен факти, треба да им се раскажуваат лични приказни, сведоштва, да се чита книгата на Ана и да се зборува отворено за тој период од историјата. Не за друго, за да не ни се повтори.

Деновиве забележувам многу „слободно“ користење на зборот „нацист“. И тоа не само од младите, туку и од постарите. И во контекст во кој не му прилега.

Во време каде што забележуваме сериозен пораст на десничарска политика во Европа, каде што се „водат војни“ против граѓанскиот сектор, каде медиумите се далеку од независни и има отворен отпор кон бегалците, се плашам дека Ана Франк не нѐ учи ништо. Пред само два дена Трамп забрани влез за бегалци од шест исламски земји, а веќе две години Европа е заѕидана со огради кои нѐ штитат токму од оние на кои во моментов најмногу им е потребна заштита.

Сево ова ме наведува да мислам дека приказната на Ана мора да продолжи да се раскажува. Што повеќе, тоа подобро. Зборувајте за Ана, со своите врсници, со своите деца, родители, соседи. Колку и да е тешка оваа тема, особено за младите, неопходно е да си ја споменуваме. Еве, прочитајте ја книгата „Мишлоах Манот“ која може да ја најдете во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во која е раскажана животна приказна семејство Шами – Калдерон од Битола, напишана од Гита Шами, единствената Еврејка од Македонија која го преживува Аушвиц.

Официјалниот назив на изложбата која во овој момент е поставена во Велес е „Лекции за денес“, но се плашам дека ако не ги научиме набрзо, може да станат „Лекции ОД денес“.

Сања Стефановиќ, Младински образовен форум