[Став] Зошто пожарот во грчкото летувалиште Мати зеде толку жртви?

Грчкиот писател Стефанос Митилинеос, даде свое видување за големиот број жртви во пожарите кои ја зафатија областа околу Атина и грчкото летувалиште Мати. Текстот, преземен од Телеграф.рс, го пренесуваме во целост.

Кога неконтролираната пламена стихија го опколи во пламен Мати, во понеделникот попладне, на 23 јули, западните ветрови со јачина од 9 Бофори со својата сила се обидуваа да уништат се.

Пламенот голташе се пред себе, јурејќи со 70-100 километри на час. Немаше начин да се запре оваа катастрофа, ниту еден план не можеше да ја пресретне.

Сепак, големото зло што ни се случи не ја оправдува смртта на толку многу невини луѓе, на толку  неправедно загубени животи.

Што се случи?

Стотици луѓе се обидоа да го напуштат Мати, но се заглавија во морничавата гужва на тесните улици кои се изградени во текот на 60-тите години, кои од 2000 година се густо населени без никаков план, без никакви безбедносни мерки. Местото се развиваше како и многу други места во Грција, на „па може“.

И не е доволно што местото се градеше „на среќа” и „случајно” меѓу боровите, туку немаше излез во случај на опасност. И така стана стапица на смртта.

 

Додека околу луѓето бегаа од запалливите борови кои букнуваа во пламен, куќите и автомобилите беа претворани во пепел за неколку минути, завладеа паника. Избезумени, нашите сограѓани излегуваа од своите куќи, други панично излегуваа од своите автомобили, западнаа во гужва, и сите се упатија трчајќи кон брегот, како единствен излез кој им остана за да се спасат од ужасна смрт.

Кој брег?

Во градот Мати брегот не е достапен од сите страни. Брегот е затворен од хотели и куќи. Ова е резултат на „развојот” од 1960 година – да нема слободен пристап до брегот.

И така, одеднаш, нашите сограѓани се соочија со битката за голиот живот, за животот на нивните деца и нивните семејства. Прескокнуваа огради, трчаа по недостапни делови за да стигнат до морето.

Кое море?

Плажата е испрекината на многу места, од хотели и домови кои се буквално во морето, па така луѓето не можеле да се движат лево или десно за избегаат од огнот, туку морале да влезат во морето полно со бранови.

И тука кошмарот на оние што влегле во морето не заврши, тие морале да бидат спасени со чамци. Бродовите и чамците што пристигнале спасувале од 18 часот. Не можеле да се доближат до крајбрежјето бидејќи не постои пристап кон брегот поради карпите и затоа што луѓето во чамците  „ги пржел“ огнот.

Пламените и ветерот создале чад во атмосфера што не дозволувал чамците да се приближат кон брегот на повеќе од 50 метри.  Изморените и исплашени граѓани морале да пливаат до бродовите.

Повредени, постари граѓани, деца, жени паѓале во морето за да се изборат против брановите и да пристигнат во бродовите што ги чекале. Оние кои ги стигнал огнот, а не го пронашле патот до плажата, се фрлале од карпите во смрт.

Одговорност?

На телевизија се слуша дека Мати повеќе не постои. Тоа е вистина. Но, постои уште една поголема вистина: летувалиштето Мати, на начинот на кој било направено, на начинот на кој било изградено, не требало ниту да постои.

Од почеток се било погрешно, како одморалиште започна да постои од 1960 година, под непостоечките стандарди на грчкиот режим, а од 2000 година густо се насели.

Сите овие години, никој не се запрашал следново: Во случај на пожар во овој град, меѓу борови, без излез, што ќе правиме?

И, се разбира, првите кои за тоа треба да размислуваат се локалните власти. Оние кои живеат во местото и го познаваат подобро од било кој друг. Очигледно никој од нив не се запрашал што би се случило кога огнот ќе го зафати Мати, или, да бидаме попрецизни, што ќе се случи ако огнот стигне до Мати. А познато е дека областа е подложна на пожари, НО само еден е судбоносен.

Античките Грци го нарекоа борот „проклетото дрво“ и не дозволија да го има во градовите. Бидејќи знаеле дека борот е како факел.

Вреди да се запрашаме, како ние, денешните Грци, станавме убедени дека е безбедно да се живее меѓу боровите.

Денес жалиме за десетици починати, неправедно починати луѓе. Кога жалењето ќе помине и националната болка поради злото што ни се случи, имаме една обврска: да нема повеќе места како Мати. Ни во Атика, ниту на било кое друго место.

За никогаш повторно да нема такви стапици на смртта.