[Став] Зошто поминав 25 години раскажувајќи како преживеав во Аушвиц во училиштата

Имав 10 години кога мојот живот сосема се промени. Живеев со своите баба и дедо кога нацистите нѐ протераа во гетото Łódź. Дедо ми умре од прегладнетост кратко време потоа. Беше многу религиозен и одбиваше да јаде храна која не е кошер. Баба ми и јас бевме сами. Веќе не одев на училиште, туку работев во фабрика. Моето детство заврши.

Две години откако пристигнавме во гетото, имаше рација и ме качија во камион за да ме депортираат. Гледајќи наоколу, сфатив дека сум опкружен со деца, стари и онеспособени луѓе, и знаев дека треба да слезам од камионот. Поради некое чудо, чуварите во дворот не гледаа и успеав да скокнам.

Продолжив да работам во фабриката за метал во гетото сѐ додека еден ден не нѐ качија во камиони за превоз на стока и нѐ пратија во Auschwitz-Birkenau. Не можам да ги објаснам глетките, миризбите и звуците на тоа место. До ден денес, не можам да разберам како командантите може да прават толку ужасни нешта и да си одат дома и да вечераат со своите семејства навечер. Од Аушвиц ме испратија во Stutthof концентрациониот камп, а потоа на присилен марш до Неуштад во Германија. Ме ослободија британските трупи и моите пријатели и јас веднаш почнавме да трагаме по храна, после многу години поминати во глад.

Си заминав од училиште на 10 години, но сега, на 86-годишна возраст, посетувам училишта со Фондот за едукација за Холокаустот, за да ги учам младите. Ја раскажувам мојата приказна, приказната на преживеан од Холокаустот, во сите краеви на земјата. Толку сум импресиониран од начинот на кој овие млади луѓе слушаат и што поставуваат толку многу прашања. Заинтересирани се, сакаат да знаат повеќе. Многу се зборува лошо за младите денес, но јас ги поминав последните 25 години разговарајќи со децата, и мислам дека треба да слушнеме повеќе за нивниот потенцијал.

Едно нешто за кое учениците секогаш ме прашуваат е дали ги мразам Германците. Тоа прашање секогаш ме збунува. Како би можел да мразам некого поради нешто што неговиот дедо или прадедо го направил? Но, мислам дека младите со кои зборувам го напуштаат тој разговор со разбирање за нешто уште поголемо – јас не мразам никого. И ја понесуваат таа порака со себе дома. Секоја недела добивам писма од учениците кои продолжиле да читаат и учат после разговорот со мене, или од млади луѓе кои разговарале со своите родители на различен начин бидејќи слушајќи ме мене како раскажувам за растењето сам, сфатиле колку ги сакаат своите животи.

На 10 години мојот живот ми беше одземен. Татко ми во 1939 година побегна за да се спаси од Нацистите, и никогаш не дознав што му се случило. Дедо ми умре од глад. Баба ми умре во кампот Theresienstadt истиот ден кога јас бев ослободен. Од денот кога стигнавме во гетото, таа не помина еден ден како слободна жена.

Но и покрај сѐ, поради некое чудо преживеав. Дојдов во Велика Британија во 1947 година и ја најдов мајка ми, која ја помина војната овде. Набргу повторно најдов група преживеани кои ги знаев од камповите. До ден денес се нарекуваме „момчињата“. Тие се како мое семејство. Имам и свое вистинско семејство – прекрасна сопруга, две деца, шест внуци и дури и правнук. Хитлер не победи. Но, ако го поминам остатокот од мојот живот во омраза, не сум победил ни јас. Преживеав, и ќе продолжам да ја раскажувам мојата приказна сѐ додека можам, за да бидам сигурен дека младите луѓе секогаш ќе знаат што ни се случи. Не смееме да се откажеме, и никогаш не смееме да престанеме да ги учиме младите за опасностите на омразата.

Ziggi Shipper посетува училишта за да ги едуцира учениците за Холокаустот, преку Outreach  програмата на Фондот за едукација за Холокаустот.

Текстот е преземен од Independent.